1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во што е тајната на финското финансиско чудо?

Бернд Ригерт/ Александра Трајковска4 август 2012

Словенечкиот кредитен рејтинг падна драстично, на Германија и се прогнозираат лоши денови. Но, Финска и натаму е стабилна членка на еврозоната - и тоа благодарејќи на посебниот модел за кредитирање на кризните држави.

https://p.dw.com/p/15juy
Фотографија: Fotolia/Stephen Finn

Кога американската агенција Мудис неодамна го доведе под знак прашање кредитниот рејтинг на Германија, Луксембург и Холандија, финската министерка за финансии Јута Урпилаинен гордо издаде соопштение за медиумите во кое потсетува дека Мудис ја потврдува стабилноста само за нејзината земја. Финска ја задржа оценката „ААА“, додека трите други водечки европски стопанства покажуваат знаци на преоптовареност. Според мислењето на оваа рејтинг агенција, Финска паметно се осигура во европската должничка криза и избегна финансиски ризик. 

Финска имено е единствена земја која бараше гаранции за своите кредити за помош на Грција пред една година и сега за спас на шпанските банки, со образложение дека секој кредитор мора да се осигура од можен губиток. Министерката за финасии Урпилаинен во преговорите со шпанската влада на средината на јуни успеа да се договори 40 проценти од кредитната сума од 2,2 милијарди евра да бидат приложени како гаранција. Значи шпанската влада мораше да уплати околу 800 милиони евра на сметката на Финска за да добие 1,4 милијарди евра. Истото правило важеше и кај другиот пакет помош за Грција пред една година. Финска, за разлика од другите западни кредитори за сметка на тоа се одрекува од каматите за своите кредити. За овој чуден модел финската влада тешко избори одобрување од останатите партнери на еврозоната, но успеа.

Државни обврзници со гаранции?

Но, овој фински модел има и лоши страни. На пример што ако Грција нема средства да гарантира за кредитот, кој го бара од Финска? Единствено решение би било како гаранција да понуди пари кои ќе потекнуваат од финансиската помош која Атина на пример ја добила од Германија. Со други зборови: Финска како гаранција ќе добие германски пари. Дека тоа не е идеално решение за другите членки на еврозоната увиде и финскиот министер за европска интеграција Александер Стуб и затоа на минатиот состанок на Европската унија во јуни во Брисел изнесе еден друг предлог.

Finnischer Außenminister Alexander Stubb in Brüssel
Министерот СтубФотографија: AP

Министерот Стуб предложи сите членики на еврозоната да дадат гаранции за своите државни обврзници. „Би требало да се издадат само хипотекарни обврзници. Така би се зголемиле кредитниот рејтинг и атрактивноста на државните обврзници за земјите во криза за вложувачите“, изјави тогаш Стуб за ДВ. Практично тоа би значело дека држави како Грција или Шпанија за своите кредити би морале да се заложат со златни резерви, удели во државните претпријатија или недвижности во државна сопственост. Доколку Грција не би успеала еден ден да ги отплати своите кредити, кредиторот би можел да стане сопственик на дел од атинскиот аеродром или земјиште на Миконос. Ваквиот принцип Финска самата го примени, кога на почетокот на 90-те години на минатиот век западна во криза. „И тоа функционираше“, подвлекува Стуб. 

„Должниците немаат доволно гаранции“

На самитот на ЕУ во јуни Финците не успеаа да добијат поддршка за својот необичен предлог. Но, откако Мудис сега го пофали финскиот модел, ова би можело да се промени. Италијанскиот премиер Марио Монти, чија земја има проблеми со продажбата на своите обврзници по поволни околности, изминатата среда (01.08.2012) престојуваше во Финска и се интересираше за финскиот модел. Постои ли можност, Италија еден ден да ги заложи римските рушевини или венецијанската палата?

Euro / Münzen / Euromünzen
Фотографија: dapd

Економистот Синциа Алкиди од Центарот за европски политички студии во Брисел смета дека тоа е невозможно. „Одлучувачки е што во сегашната криза должниците не се во состојба да ги исполнат овие барања. Верувам дека по кратко време земјите во криза не би можеле повеќе да понудат доволно гаранции и со тоа да го намалат ризикот за кредиторите“, вели Синциа Алкиди за ДВ. Таа смета дека овој модел може да функционира кај мали држави како Финска, која со релативно мали средства учествува во спасувањето на Грција и Шпанија, но тоа не би било можно да се спроведе во пракса кога сите земји членки на еврозоната би се обиделе да добијат такви гаранции.