1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вранишковски доби 30 дена притвор

13 јануари 2004
https://p.dw.com/p/AcQi
Светиот синод на Македонската православна црква денеска треба да одржи седница околу досега најголемиот раскол во редовите на црквата. Поранешниот владика на МПЦ, Зоран Вранишковски, расчинет минатата година, откако се прогласи за српски егзарх, синоќа доби 30 дневен притвор, кој ќе го спречи да не ја напушти Македонија додека трае истрагата за кривичното дело за кое е обвинет, имено предизвикување национална, расна и верска омраза, нетрпеливост и раздор. Против единаесетте лица кои во неделата беа уапсени заедно со Вранишковски, во стан во Битола, каде тој вршел импровизирана служба, се поднесени прекршочни пријави за нарушување на јавниот ред и мир. Редиотелевизија Србија синоќа јави дека патријархот на Српската православна црква, Павле, барал ослободување на владиката Јован, а во писмо до македонскиот претседател, Борис Трајковски, барал средба на делегација на СПЦ со претседателот. Во делегацијата, според наводите на српската телевизија, би требало да бидат епископите на СПЦ, Иринеј и Амфилохије. Портпаролот на македонскиот претседател Трајковски, Андреј Лепавцев, за агенцијата Бета вчеравечер изјави дека во кабинетот не стигнало никакво писмено обраќање на патријархот на СПЦ, Павле. Со оглед на тоа, според Лепавцев, претседателот сега нема став. "Доколку добиеме такво барање, претседателот ќе донесе одлука", изјави портпаролот. Македонската влада смета дека зачувувањето и одбраната на автокефалноста и единството на МПЦ е во интерес на црквата, но и на макеоднскиот народ, државата и владата, изјави владиниот портпарол, Сашо Чолаковски. "Општ став на владата околу случувањата во МПЦ е дека одбраната на автокефалноста и единството на МПЦ и одбраната на нејзиното име се директно поврзани со националниот идентитет на македонскиот народ и македонската држава", нагласи Чолаковски. Амбасадорот на Србија и Црна Гора во Македонија, Бисерка Матиќ Спасојевиќ, рече дека не би сакала да ги коментира случувањата, почитувајќи го принципот на немешање на црквата и државата. Таа за Македонското радио додаде дека СПЦ сепак не го одрекува постоењето на макеоднската држава, јазик и нација. Според Спасојевиќ, двете цркви треба да продолжат со дијалогот за да најдат соодветно решение.