1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вранишковски не се противел на денешното апсење

12 декември 2011

При обид за влез во Македонија од Грција, расчинетиот владика на МПЦ Јован (Зоран Вранишковски) заврши во затворот Идризово. Информацијата за апсењето ја потврди и неговата Православна Охридска Архиепископија.

https://p.dw.com/p/13REy
Фотографија: DW

Вранишковски околу 12:30 денеска (12.12.2011) се појавил на граничниот премин во возило „опел корса“ со скопски регистарски таблички, во кое имало уште три лица. Тој е уапсен по претходно распишана меѓународна потерница од Интерпол по барање на МВР, а по издадена судска наредба од Битолскиот суд од 13 октомври 2010 година. Вранишковски се бараше со потерница за издржување казна затвор во траење од 2,5 години.

„Попладнево околу 12:30 часот на преминот Меџитлија по претходно распишана потерница  и судска наредба уапсен е Вранишковски. Се обиде да влезе во Македонија со српска патна исправа, истакна Иво Котевски, портпарол на Министерството за внатрешни работи.

Вранишковски не давал отпор при апсењето. МВР ќе ја проверува валидноста на српската патна исправа со која тој се обидел да влезе во Македонија, но се претпставува дека станува збор за легален пасош. Приврзаниците на неговата црква реагираа со писмен допис, најавувајќи дека тој ќе бара повторување на судењето.

„По лажните обвинувања од расколничката организација во Република Македонија, во 2010 година Архиепископот Јован беше осуден на затворска казна, но од причини што судскиот процес се вршеше во негово отсуство, тој има законско право да побара повторување на постапката. Затоа се очекува дека за три до пет дена тој треба да биде ослободен од затворот и да му се овозможи нова судска постапка во која ќе се брани од слобода“, велат приврзаниците на Вранишковски во дописот до поратлот „Плусинфо“.

Тие додаваат и дека во ноември минатата година Вранишковски беше уапсен на бугарската граница за издржување на оваа затворска казна, но Судот во Бугарија го ослободи со образложение дека судската пресуда од Македонија е резултат на гонењето врз религиозна основа, кое Вранишковски го трпел девет години, а не затоа што бил виновен според кривичниот законик.

Вранишковски пред суд и во Идризово повеќепати

Вранишковски треба да одлежи две и пол години затвор и да врати 250 000 евра, вака гласеше пресудата од 2009-та година донесена од судот во Велес. Случајот против Вранишковски почна во 2007-ма година. Тој бепе двапати ослободува, а исто толку пати Апелациониот суд ги укинуваше пресудите.

Пресудата во 2009-та му беше изречена во отсуство, бидејќи Вранишковски побегна од земјата, по притворот што му беше изречен. Според пресудата, тој треба да и плати штета од 14 804 211 денари на МПЦ, а на фондот ПИОМ 111 892 денари.

Денешното притворање и одење во Идризово не е прво за Вранишковски. Тој издржуваше и две и пол годишна казна затвор во Идризово за предизвикување расна и верска омраза, нетрпеливост и раздор, а на пресудите реагираа СПЦ, властите во Србија и еколку невладини организации.

Судот во Велес му изрече казна затвор на Вранишковски поради присвојување на донација од Трифун Костовски за реконструкција на соборниот храм „Св. Пантелејмон“ во Велес. Наместо во црковната каса, 57-те илјади евра завршија на приватната сметка на поранешниот благајник на Повардарската епархија Тони Петрушевски, кого судот го осуди на 15 месечна казна затвор.

И црквата на Вранишковски има проблеми со судовите. Таа дејствува повеќе години без судска регистрација, поради нејзиното име. Името содржи назив што веќе се содржи во името на Македонската православна црква, а во исто време содржи и називи слични на имињата од други држави и цркви.

Автор: Александар Методијев / миа/ макфакс/ плусинфо

Редактор: Симе Недевски