1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Враќање на визите по куса постапка - ако затреба

23 мај 2011

Европската унија треба да воведе механизам за брзо повторно привремено враќање на визниот режим за одредени земји и тоа во „вонредни“ ситуации, но тоа не значи и враќање на визите за Србија и Македонија.

https://p.dw.com/p/11Ljx
Фотографија: Bymedia

Предлогот утре (24.05) ќе го разработува Европската комисија, потврди за агенцијата БЕТА, Мартин Грабјец, портпарол во Комисијата, кој притоа нагласува дека „дел од написите во некои медиуми на оваа тема се неточни“.

Грабјец објаснува дека станува збор за дополнување на постојната регулатива на Унијата. „Тоа не значи дека веднаш ќе биде воведена обврската за поседување визи за граѓаните на Србија кои патуваат во ЕУ, туку дека ќе се создаде можност за побрзо враќање на визите за некои земји во вонредни ситуации“, нагласува портпаролот.

Советот на министри на Унијата на 9 и 10 јуни во Луксембург треба да го усвои предлогот на Европската комисија кој го поднесе комесарката Малмстром пред министрите за внатрешни работи на земјите-членки на 12 мај. Малмстром тогаш нагласи дека, за разлика од сегашната долга процедура, во иднина визите би можеле да бидат вратени за некои земји по итна постапка доколку „безвизниот режим предизвика нерегуларна имиграција од големи размери, или доколку дојде до злоупотреби, односно биде доведена во опасност безбедноста на ЕУ“.

Еврокомесарката Сесилија Малмстром
Еврокомесарката Сесилија МалмстромФотографија: dapd

Злоупотреба на либерализацијата

Во пракса тоа ќе значи промена на Уредбата 12 за визите во која ќе се овозможи вонредно враќање на визниот режим за одредени земји. Европската комисија уште на почетокот на годинава воведе засилен надзор над спроведувањето на безвизниот режим со земјите од Западниот Балкан, по бранот лажни азиланти кои преплавија дел од земјите-членки на Унијата. Белгија, која и натаму се соочува со голем прилив на лажни азиланти, бараше од Комисијата извештај за досегашните резултати од надзорот, но и одговори од Скопје и од Белград, што ќе преземат за да го запрат бранот луѓе кои ја злоупотребуваат либерализацијата.

Порталот Еуроактив денеска укажува дека „голем дел од оние кои бараат азил всушност совршено добро знаат дека тоа нема да им биде одобрено, но сакаат да ги искористат поволностите додека трае постапката по нивното барање за азил, а притоа добиваат и одредени суми пари“.

Побрзо враќање на визите во вонредни ситуации, најавува Брисел
Побрзо враќање на визите во вонредни ситуации, најавува БриселФотографија: DW

Засилени контроли за српските граѓани

Српскиот министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ денеска најави заострена контрола кон граѓаните на Србија кои заминуваат за земјите од Европската унија, изјавувајќи дека ќе се проверува дали тие имаат доволно пари, повратен билет и осигурување. По средбата со делегација на Белгија, предводена од државниот секретар Мелкијор Ватле, Дачиќ изјави дека цел на оваа нова мерка не е малтретирање на граѓаните, туку потреба од спречување на заминувањето на лажни азиланти во ЕУ, за да не се доведе во прашање визната либерализација на земјата. Како една од можните мерки, министерот го спомена одземањето пасош или забраната за излез од Србија за оние што ќе го злоупотребат правото на азил.

Автор: Борис Георгиевски/бета

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска