1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Враќање на марката во Германија би било катастрофално

БГ/бета30 април 2013

Студија на германски Институт покажува дека евентуалното напуштање на еврозоната од страна на Германија би имала катастрофално последици не само за ЕУ, туку и за светската економија.

https://p.dw.com/p/18Pj9
Фотографија: picture-alliance/dpa

Излегувањето на Германија од еврозоната и враќањето на германската марка би имало катастрофални последици не само за домашното стопанство, туку најверојатно би довело и до светска економска криза, се наведува во истражувањето на Институтот Прогнос, изработено по нарачка на Фондацијата Бертелсман.

Во студијата се укажува дека Германија имала и има огромна корист од заедничката валута, и дека без еврото германскиот стопански раст во изминатите години би бил помал за околу половина процент годишно. Тоа би значело и 200 илјади работни места помалку годишно.

Од 2013. до 2025. година германскиот бруто општествен производ благодарение на еврото ќе биде зголемен за 1.200 милијарди евра. Заедничката валута ќе им се исплати и на граѓаните кои во истиот период, ќе заработуваат во просек по 1.100 евра годишно повеќе.

Шефот на Фондацијата Бертелсман Арт Де Гос оцени дека Европската унија без еврото „политички би се распаднала и би заостанала во меѓународната конкуренција“. Тој додаде дека сегашната монетарна унија треба и натаму да се гради како економска, социјална и политичка унија, за да се обезбедат раст, благосостојба и вработеност во цела Европа.

Студијата е објавена кусо по формирањето на новата партија Алтернатива за Германија во која членуваат еминентни евроскептици и кои, меѓудругото, бараат и враќање на германската марка.