1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Враќање на чек-дипломатијата?

23 октомври 2009

На неформалниот состанок на НАТО во Братислава министрите за одбрана дебатираат околу мисијата во Авганистан. Раководствата на НАТО и САД бараат од земјите членки поголем ангажман и повеќе војници.

https://p.dw.com/p/KDTx
Андерс Фог Расмусен бара и пари и војнициФотографија: AP

Генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен на почетокот на дводневната средба побара повеќе пари и повеќе војници. Во касата на Алијансата недостасуваат 50 милиони евра, а долгорочно и до десет милијарди евра за инвестиции. Расмусен се залага и безбедносните сили на Авганистан да добијат поголема одговорност, а трупите на НАТО да имаат улога на поддржувачи: „За да го постигнеме тоа мора да инвестираме во тренинг и вооружување на силите на Авганистан. Потребни ни‘ се и други меѓународни актери, кои ќе го удвојат својот ангажман за да ја поттикнат обновата и развојот.“

Но, повиците досега не наидоа на слух кај партнерите. Само Велика Британија најави испраќање на дополнителни 500 војници, во случај и други држави да го сторат истото. Германскиот министер за одбрана истакнува: „Нашиот контингент трупи е трет по големина, во обуката на полицијата сме на второ место и затоа сакаме да дискутираме за едно: како да постигнеме - во разумен временски период Авганистан да биде во состојба самостојно да се грижи за безбедноста.“

ISAF-Kommandeur in Afghanistan, US-General Stanley McChrystal
Генералот Стенли МекКристал смета дека во Авганистан треба да се испратат уште 40.000 војнициФотографија: dpa

Отворен простор за дискусија

Јунг не кажа ниту збор за зголемување на контингентот. Германија во Авганистан има 4.300 војници, нивниот мандат истекува во декември. Италија веќе најави повлекување на војниците, без да наведе конкретен термин, додека Канада сака да ги повлече војниците во 2011 година.

Според плановите на новиот американски командант на трупите во Авганистан, генералот Стенли МекКристал наспроти ова во Авганистан треба да се испратат дополнителни 40 илјади војници. Целта на МекКристал е да се обучат поголем број сили за безебдност во Авганистан. Околу 400.000 војници и полицајци ќе треба да се обидат да ја стабилизираат земјата - речиси двојно повеќе отколку што беше планирано досега.

Дали Меккристал ќе добие повеќе војници, засега е отворено. Американскиот министер за одбрана Роберт Гејтс најави дека нема да разговара околу зголемување на трупите од страна на САД - туку дава простор за дискусија - како понатаму во Авганистан.

Автор: Кристоф Пресл / Александра Трајковска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска