1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Врвните спортски настани како (пуста) желба

Златко Калински27 октомври 2012

Трката да се биде домаќин на спортско натпреварување од врвен меѓународен карактер постојано се засилува, а критериумите за добивање на организација се повеќе се заоструваат. Има ли шанси Македонија?

https://p.dw.com/p/16VSI
Фотографија: DW

Мишел Платини неодамна ја обелодени својата идеја за одигрување на Европското фудбалско првенство во 2020-та година на стадиони во повеќе земји. Брзо проструи веста дека и Скопје со штотуку промовираната Филип Втори Арена би бил можен домаќин!Веста беше набрзо демантирана дека стадионот и инфраструктурата, која во моментов Скопје ја поседува, не ги задоволуваат острите критериуми. Што е тоа што недостига, за да биде поднесена кандидатуура, објаснува Димитар Зисовски, генерален секретар на ФФМ:

„Јас се согласувам дека Скопје само во моментов не ги исполнува условите што се поставени за Европското првенство, но тоа не значи дека не може да ги исполни до 2020 година. Во претстојните 8 години може да се исполнат повеќе од поставените стандарди. Тоа е пред се капацитетот на Филип Втори Арената, кој за таков вид на натпреварување треба да има најмалку 50 000 гледачи. Потребни се и други инфраструктурни решенија , како што аеродромите,односно пристанишните објекти со проток на поголем број на патници. Потоа хотелските капацитети, пристапните патишта и други решенија , кои би овозможиле доаѓање на учесниците, нивно сместување и брз пристап до терените каде што ќе се играат натпреварите.“

Mazedonien Land und Leute Sporthalle Boris Trajkovski in Skopje
Спортската сала „Борис Трајковски“Фотографија: Petr Stojanovski

Скопје со години немаше и соодветна спортска сала. Пред неколку години го доби посакуваниот објект. Салата „Борис Трајковски“ е нова, убаво изгледа има капацитет од 6000 места, но и новиот објект не ги исполнува стандардите за организација на натпревари во кошарка,ракомет, одбојка од светски или европски карактер. Генералниот секретар на кошаркарската федрација Дејан Лекиќ, зборува за недостатоците:

„Состојбата во салата ’Борис Трајковски’ не дозволува да се организира настан од светски калибар затоа што имамногу пропусти пред се во планирањето при нејзината изградба. Изгледа дека не се размислувало во неа да се играатт врвни спортски натпревари. Соблекувалните, оградите, теренот, фунционалноста на сите придружни простории бараат дополнителна инвестиција сето тоа да се доопреми, за салата да биде подготвена за да се одржи еден голем спортски настан.“

Ќе се вратиме на „Филип Втори Арената“, на која деновиве беше поставена новата атлетска тартан патека. Љубителите на атлетиката се понадеваа дека и Кралицата на спортовите можеби наскоро ќе стапне на македонско тло, но засега е тоа само далечен сон. Нема помошна атлетска патека за загревање, нема ниту минимум потребни атлетски реквизити и таа може да се користи само за тренинг во дисциплините без помошни реквизити. А, главното промашување е патеката за спринт на 100 метри, наместо пред главната трибина, таа е поставена на спротивната страна. Проблемот го појаснува македонскиот селектор Ѓорѓи Вучков:

Stadion Philip der Zweite in Skopje
Стадионот „Филип Втори“Фотографија: DW

„Самата атлетска патека има добар квалитет, но таа не е поставена како што треба. Патеката за трките на 100 метри, целната линија и фото-финишот се поставени пред јужната трибина, наместо пред централната трибина ,која е од спротивната страна. Централната трибина и просторот за новинарите е на северната трибина, такашто новинарите и официјалните лица не ќе бидат во можност да следат што се случува на таа голема оддалеченост и во трките и во скокачките дисциплини.“

Произлегува дека „Филип Втори Арената“ засега ќе ја опслужува македонската фудбалска репрезентација и клубовите учесници во Европските купови и во домашното првенство. Ист е случајот и со салата „Борис Трајковски“. Светските, европските шампионати во спортските игри остануваат недостапни. Постои и олимписки базен во Скопје, но тој е депресивна приказна за себе. Надежите да се донесе елита се сведуваат на мал круг на спортови:бокс, борење, карате, пинг-понг...