1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Време е за дела

H.Wohlan18 март 2007

Германската канцеларка Ангела Меркел изрази задоволство од дводневната посета на Полска: „Водев многу добри разговори„ изјави Меркел според која и кај спорните теми е отворен добар пат. Во фокусот на разговорите со полскиот претседател Лех Качински беа: судбината на европскиот устав, како и планираното американско поставување одбранбен ракетен систем во Полска и Чешка. Коментар на Хуберт Волан.

https://p.dw.com/p/AbyR
„Времето за дебати заврши. Сега е време за дела„! Меркел и Качински
„Времето за дебати заврши. Сега е време за дела„! Меркел и КачинскиФотографија: AP

Се чини дека Ангела Меркел станува се пополурна кај Полјаците, скоро како нејзиниот патрон Хелмут Кол, иако денес не станува толку збор за присуство, туку за иднината на европскиот поредок. А, таа иднина треба да се најде во формата на Европскиот устав што мора да биде прифатен од сите 27 членки. Тоа го знае и коалиционата влада во Варшава. Меѓутоа, таа тоа решително го одбива зашто сега важечкиот договор од Ница повеќе им одговара на Полјаците кога станува збор за гласот во Европскиот совет. Колку долго ќе се држи Варшава до таа позиција?

Додека полскиот претседател Лех Качински водеше суштински разговори за Европа со германската канцеларка Ангела Меркел, неговиот брат близнак и премиер Јарослав Качински се наоѓаше во Холандија и Данска на покана од тамошните евро-скептици. Кај нив бараше аргументи и поддршка. Тоа значи дека процесот на помирување со новиот европски устав кај многумина полски скептици се уште не е завршен. Ангела Меркел тоа сака да го забрза и тоа и успеа. Времето за дебати и размислување е завршено и крајно време е да се мине на дела – гласеше лекцијата на Меркел што ја одржа во Варшава. Се чини, оваа порака е разбрана.

Втората тешка тема во разговорите: планираниот анти-ракетен штит на Американците во Полска кој е скоро исто толку компликуван колку и европскиот устав. Малата разлика е во тоа што неговото решавање многу повеќе зависи од Полска. А, господар на акцијата во ова прашање се Соединетите Американски Држави и затоа решение треба да се бара во рамките на НАТО. Патем, тоа е ставот на Ангела Меркел и на германскиот министер за одбрана. Варшава во врска со ова прашање е упадливо пасивна, во стилот: не сме ние, туку Вашингтон.

Во Полска инаку, довербата во Вашингтон, сеедно кој владее, има скоро метафизички размери. Вербата во Америка во Полска е подеднакво длабока како и вербата во католичката црква. Ако работите стојат така, тогаш на Германците не им останува ништо друго, туку тешката работа на убедување на САД за одбранбениот ракетен систем да ја преземат врз својот грб.

Хуберт Волан