1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Време е за соработка на релацијата Париз-Скопје

Тони Гламчевски19 декември 2006

Париз и Скопје, по средба на министерско ниво со сигнал за интензивирање на соработката меѓу двете држави.

https://p.dw.com/p/AdaM
Париз
ПаризФотографија: Illuscope

Првиот директен контакт меѓу француската и македонската влада, по изборите во Македонија помина добро.

Средбата меѓу француските министри, Филип Дуст-Блази за надворешни работи и Катрин Колона за европски прашања, со вицепремиерите на македонската влада, Габриела Коневска-Трајковска за евроинтеграции и Зоран Ставрев за економија, траеше точно еден час.

„Ние имавме одличен контакт и се разбира среќен сум што се сретнавме“, изјави за Радио Дојче Веле францускиот шеф на дипломатијата Филип Дуст-Блази.

„Се разбира, ние разгледавме прашања од областа на билатералната соработка. Се надеваме дека економските инвестиции од двете страни ќе бидат зголемени, бидејќи економските односи не се на нивото на нашите, отсекогаш одлични политички односи.“

Разбирливо, блискоста на штотоуку завршениот самит на Европската унија, посветен на проширувањето беше една од темите за кои стана збор во Кеј Д'Орсеј.

При што француските министри им рекоа на нивните гости од Македонија, дека Европската унија продолжува со перспективата за проширување кон земјите од Западен Балкан, бидејќи тоа е од големо значење за стабилноста на Европа.

„На нашите пријатели од Македонија, исто така им кажавме, колку е за нас, и за целата Европска унија, значајно, продолжувањето на економските реформи и тие на правната држава. Ние тука мислиме на реформата на судството и полицијата, исто како и да се работи на кохезијата на македонското општество.“ нагласи францускиот министер за надворешни работи.

Од своја страна, потпретседателот на македонската влада за евроинтеграции, Габриела Коневска-Трајковска додаде:

„Денеска имавме исклучително битна средба, која што ги отвори прашањата кои се од билатерален карактер, прашања кои се поврзани со Европската унија и се разбира неколку конкретни предлози за начинот на подобрување и интензивирање на соработката, која што ја имаме со Франција. Имено го кажавме ставот на Република Македонија дека таа ја смета Франција за исклучително пријателска и блиска земја, која што помага во процесот на утврдувањето на реформите. Посебно изразивме благодарност за поддршката за добивањето на статусот на земја канидат за членство во Европската унија. Се надеваме на натамошна соработка и помош при добивањето на датумот за отворање на преговори и за прашања поврзани со спроведувањето на реформата.

Го потенциравме делот за реформата на полицијата, бидејќи таму имаме заеднички проект, дел кој се однесува на реформата на одбраната бидејќи помогнаа и тука, посебно во аспектите поврзани со НАТО и се разбира на реформата на јавната администрација.

Во однос на Франкофонијата утврдивме неколку прашања, бидејќи сега Република Македонија донесе заклучок дека францускиот јазик треба да добие поголема употреба во земјата. Тоа значи, она што како традиција постоело долги години наназад, треба да се возобнови, не само заради процесот на интеграција во Европската унија, туку и за продлабочувањето на економските, културните и воопшто образовните текови меѓу Франција и Македонија. Ова ќе биде од големо значење.“

Потпретседателот задолжен за економските прашања, Зоран Ставревски по разговорите во Кеј Д'Орсеј и во МЕДЕФ, седиштето на здружението на француските работодавачи за радио Дојче Веле изјави: „Задоволство беше да се слушне дека постои голем интерес за економските реформи, кои беа поставени високо на агендата на разговорите. Постои интерес на француските фирми за Македонија, бидејќи во Македонија се создава една поволна атмосфера за странските инвеститори. Во таа насока добивме силна поддршка и договоривме некои конкретни посети на бизнисмени, кои ќе дојдат и ќе ги видат можностите за инвестирање. Министрите ги запознавме со најновите реформи во однос на регулаторната реформа на катастарот и сите други реформи, насочени кон подобрувањето на животот на граѓаните и создавање на работни места.“

Очигледно е дека, и Париз и Скопје се одлучија за интензивирање на соработката, со што ќе им биде ставен крај на досегашните недоразбирања, по минатогодишната наводна резервираност на Франција, при доделувањето на кандидатскиот статус на Македонија.