1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Врховниот суд на САД го отфрли случајот на Ел Масри

Борис Георгиевски 10 октомври 2007

Највисокиот суд во САД го одби барањето на Ел Масри да биде сослушан во врска со неговото тврдење дека бил жртва на малтретирање од страна на агенти на ЦИА. Неговите адвокати жестоко реагираа, Белата куќа задоволна.

https://p.dw.com/p/BodV
Калед ел МасриФотографија: AP

Американскиот Врховен суд одби да го разгледува случајот на германскиот државјанин Калед Ел Масри околу неговите тврдења дека бил киднапиран од агенти на ЦИА во Македонија и малтретиран во Авганистан. Судот не даде никакво образложение за отфрлањето на случајот. Ел Масри бараше извинување од американската администрација и компензација од 75 илјади долари.

Американската администрација побара од Врховниот суд случајот да биде отфрлен поради закани за националната безбедност, но притоа одби да ги потврди или да ги демантира тврдењата на Ел Масри објаснувајќи дека на тој начин би се откриле податоци за тајната програма на ЦИА.

Неимувани американски претставници за телевизијата СиЕнЕн потврдиле дека Ел Масри бил киднапиран по грешка, но одбиваат тоа јавно да го соопштат.

Кои се границите на државна тајна?

Застапниците на Ел Масри бараа од судот да ги определи границите на државните тајни, објаснувајќи дека во минатото националната безбедност блокирала одредени докази, но дека никогаш самото судење не било отфрлено. Во документите кои беа презентирани пред судот, адвокатите на Ел Масри тврдеа дека претседателот Џорџ Буш веќе јавно го признал постоењето на тајните затвори на ЦИА.

Во јавноста беа објавени и деталите за авионските летови со кои Ел Масри бил одведен во Авганистан. Доколку судот одбие да го разгледува случајот, ќе и овозможи на Владата да измачува, тоа да го прогласи за државна тајна, и да избегне било какви правни последици за таквите постапки, констатираа адвокатите во пресрет на сослушувањето.

Вашингтон изрази задоволство

Белата Куќа ја поздрави одлуката на Врховниот суд. - Ова е земја која се соочува со невидени закани со кои претходно никогаш не сме имале работа, како Ал Каеда и други терористи и затоа верувам дека Министерството за правда е многу претпазливо кога станува збор за откривањето на државните тајни“, изјави портпаролката на американскиот претседател Дејна Перино. Претседателот Џорџ Буш минатата недела ја бранеше политиката на неговата администрација отфрлајќи ги наводите дека осомничените терористи се измачуваат.

Адвокатите на Ел Масри незадоволни

Адвокатот на Ел Масри ја оцени одлуката на судот како правна катастрофа. „Пресудата потврдува дека американската извршна власт може да изврши сериозни нарушувања на човековите права и да не сноси никаква одговорност за таквите дела“, изјави Манфред Гњидиќ.

Deutschland Kaled El Masri und Anwalt Manfred Gnjidic
Ел Масри со неговиот адвокат Манфред ГњидиќФотографија: picture-alliance / dpa/dpaweb

И вториот застапник на Ел Масри, американскиот адвокат Бен Визнер остро ја нападна пресудата. Доколку Калед ел Масри е државна тајна, тогаш секој случај на лошо однесување од страна на владата може да биде прогласен за таков. Во овој случај не станува збор за тајна, туку се работи за имунитет во случаи на злосторства против човештвото, рече Визнер.

Со оглед на фактот што двете претходни тужби на адвокатите на Ел Масри беа отфрлени од пониски судски инстанци во САД, одлуката на Врховниот суд дефинитивно ја затвора вратата за било какви понатамошни правни акции од страна на Германецот со либиско потекло во земјата. Неговата последна надеж е Меѓународниот суд на правдата во Хаг.

Што тврди Ел Масри?

Калед ел Масри тврди дека во декември 2003 година бил киднапиран додека престојувал на годишен одмор во Македонија и оттаму со специјален лет на ЦИА бил одведен во Авганистан. Агенти на ЦИА го испрашувале, мачеле и тепале, а откако откриле дека станува збор за грешка го одвеле во Албанија и го оставиле во некоја локална пустелија. Неговиот случај се најде и пред Советот на Европа, чии претставници бараа одговори и од македонската Влада.