1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Втора офанзива во Хаг или политика на помирување

Костадин Делимитов2 јануари 2014

Македонија не може да очекува напредок во евроатлантскиот интеграциски процес за време на грчкото претседателство со ЕУ, во чија агенда проширувањето не е меѓу приоритетите. Грција претседава со ЕУ од 1.01.2014.

https://p.dw.com/p/1AjMo
Фотографија: Fotolia/Bastos

Наредниот шестмесечен период нема да донесе позначајни промени, но може да се искористи за промена на стратегијата, посебно на македонска страна, сметаат аналитичарите. Дел од аналитичарите не се оптимисти дека е можен каков било пробив доколку властите во Скопје, но и тие во Атина, не преземат конкретни чекори на овој план. Претседателството на Грција со Европската унија, според поранешниот министер за надворешни работи Денко Малески, отвора две опции. Едната, како што вели, е добра за политичарите, а втората за двата народа.

„Опцијата која е добра за политичарите е да продолжи конфронтацијата, како испробан рецепт за опстанок на власт или за добивање нови избори. Во тој арсенал би ја вброил и иницијативата на претседателот на Македонија да се оди пред Советот за безбедност на ОН, на која, без сомнение, ќе следи соодветен конфронтирачки одговор од грчка страна. Така, и двете политички гарнитури ќе имаат со што да го занимаваат сопственото јавно мислење и во наредните неколку години“, вели професорот Малески. Според него, процесот на помирување треба да биде започнат од македонска страна.

Mazedonien Nimetz Ivanov Poposki in Ohrid 2012
Македонската страна, според Малески, треба да покрене сериозен процес на помирување помеѓу двете државиФотографија: picture-alliance/dpa

„Опцијата добра за народите на двете земји е - македонската страна да покрене еден сериозен процес на помирување помеѓу двете држави, на начин на кој се обидовме тоа да го направиме на почетокот од деведесеттите, кога на другата страна залудно им го нудевме германско-полскиот мировен модел. Се разбира, за вакво свртување во политиките на двете држави е потребна подготвеност на компромис од македонска страна, и подготвеност на голем гест на помирување од грчка страна“, смета Малески, кој нагласува дека е „потребно двете страни да се соочат со овој ’замрзнат конфликт’ - замрзнат не пред дваесет, туку уште од времето на Втората светска војна и на граѓанската војна во Грција, да го урнат ѕидот на недоверба и непријателство и да отворат нова, европска, страница на доверба и пријателство меѓу Македонците и Грците“.

„Таквото европско поведение, тој голем гест на помирување, би и' личело на една земја претседавач со Европската унија. За жал, состојбата на умот на двете политики и состојбите во двете држави кажуваат дека сосема се мали шансите тоа да се случи, така што политичарите од двете страни на границата и за време на грчкото претседателство и во текот на целата 2014-та година, најверојатно, ќе продолжат да се грижат за својата (политичка, н.з.) кожа“, кометира Малески.

Дека Македонија не може да очекува ништо поволно од Атина, но и од Брисел, за време на грчкото претседателство со ЕУ смета и поранешниот амбасадор Ристо Никовски. Во вакви услови тој смета дека топката е на македонска страна, која е на потег со нова офанзива да започне нова стратегија.

Antonis Samaras EU-Logo
Андонис СамарасФотографија: picture alliance/AP Photo

„Прво, треба да се иницира нова постапка пред судот во Хаг, каде имаме пресуда од судот за блокадата во НАТО и сега ни треба нова пресуда за блокирањето во ЕУ. Неспорно е дека таа пресуда е страшен товар за сите во Брисел и Вашингтон, бидејќи нејзиното непочитување значи негирање на меѓународниот правен поредок. Со нова пресуда, која апсолутно ќе биде во наша корист, тој товар ќе се удвои и ќе ги ставиме пред свршен чин дека повеќе не може така да работат, а истовремено нашата позиција ќе зајакне. Исто така сметам дека, како што предложи претседателот Иванов, треба да се бара преку системот на ОН почитување на пресудата од Хаг и иницијатива преку генералниот секретар на ОН проблемот да се врати во Советот за безбедност, бидејќи медијацијата на Метју Нимиц по 20 години се покажа како потрошена и неуспешна. Подобро да се почне од почеток, бидејќи е неспорно дека фактите се на наша страна“, смета Никовски.

Скептичност дека е можен каков било напредок за време на грчкото претседателство со Унијата неколкупати јавно изразија и македонските власти. Како клучна причина се наведува политиката на актуелната власт и ставовите на премиерот Андонис Самарас, кој според официјално Скопје важи за еден од креаторите на проблемот. Проблем плус е и актуелната економска криза, која ја дефокусира Грција од политиката на проширување на Унијата. Премиерот Никола Груевски неколку пати изјави дека не е оптимист во поглед на грчкото претседателство со ЕУ, но смета дека останува на останатите земји членки да и' покажат на Грција дека солидарноста има свои граници.