1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Втора шанса за Пактот за финансиска стабилност на ЕУ!

14 јули 2004
https://p.dw.com/p/AeQl
Фотографија: dpa

Германскиот канцелар Герхард Шредер ги отфрли критиките на партиите на опозицијата на сметка на министерот за финансии Ханс Ајхел, а во врска со пресудата на Европскиот суд за Пактот за финансиска стабилност. Тие имено вчера и дадоа право на Европската комисија, која го обжали одложувањето на санкиите против Германија и Франција поради пречекорувањето на критериумите за ново задолжување на државите членки на ЕУ. Шредер го отфрли толкувањето на опозицијата дека одлуката на Европскиот суд е шлаканица за министерот за финансии и побара негова оставка. Пресудата не е насочена против ниедна конкретна држава, туку против Советот на министрите за финансии – оцени канцеларот.

Пресудата на Европскиот суд е сепак пораз за германскиот министер и неговите сојузници, кои се обидоа да ги ослободат Германија и Франција од јасните принципи на Пактот за финансиска стабилност во Европа. Европскиот суд сосема јасно им стави на знаење на министрите за финансии, како директни претставници на владите на земјите членки, дека мораат да се придржуваат кон правилата, што самите ги донеле. Дотолку ова е победа на наднационалната Европска комисија, која меѓутоа нема никакви причини за самозадоволно опуштање и славење. Во интерес на буџетската дисциплина и солидната финансиска политика на ЕУ сега мораат Комисијата и Министрите за финансии да седнат повторно заедно и да најдат одржливо решение. Тие мораат да го реформираат Пактот за финансиска стабилност, така што неговите принципи ќе можат да се применуваат во секојдневието без вклучување на Европскиот суд. Не може да биде задача на судиите да се занимаваат со суштината на економската и на политиката на заедничката валута.

Германскиот министер за финансии Ханс Ајхел минатите месеци повеќе пати стави на знаење дека сака промена во принципите за казнување на буџетските грешници. Да беше до крај доследен, ќе мораше да признае дека всушност посакува и промена на строгите критериуми за финансиска стабилност, кои во Пактот беа внесени по инсистирање токму на неговиот претходник на функцијата Тео Вајгел во 1997-та година. Но, Ханс Ајхел не може да ја става под знак прашање границата од 3% ново задолжување. За тоа му недостасува не само политичка храброст, туку и поддршка од канцеларот Шредер. Тоа би значело загуба за угледот на Германија, кога владата во Берлин би признала дека не е во состојба на подолг рок да ги почитува амбициозните буџетски принципи на Унијата. Впрочем, за промена на овие критериуми би била неопходна согласноста на сите 25 членки на ЕУ, што е чиста илузија, бидејќи има поголем број држави кои успеваат да одржат избалансиран буџет, а некои дури имаат и суфицит. Португалија на пример дури мина низ пеколот на постапката за буџетски дефицит и успешно го санира буџетот. Значи, тоа е остварливо!

Чуварите на заедничката валута од Европската комисија сепак не би требале да инсистираат сега повторно на истите мерки, што Министерскиот совет не ги усвои во ноември 2003-та. Потребни се предлози и мерки со кои Германија и Франција, како земји кои ја претставуваат дури половината од вкупната економска сила на ЕУ, ќе можат сепак да живеат. Пресудата на Европскиот суд треба и Комисијата и надлежните министри да ја сфатат како втора шанса, бидејќи Пактот за финансиска стабилност се покажа како успешен. Тој доведе до значително подобрување на буџетската дисциплина во поголем број од земјите членки, како и до голема доверба на девизните пазари во еврото. Сето актуелно натегање во ЕУ не ги засегна многу берзите.

Од друга страна, на германскиот, францускиот, па и италијанскиот министер за финансии треба конечно да им стане јасно дека не можат многу да постигнат со празни ветувања. Нацрт буџетот за 2005-та, што Ханс Ајхел има намера да го испрати во Брисел, носи во себе премногу нејаснотии и ризици. Како Германија има намера наредната година да ги испочитува критериумите од Пактот за финансиска стабилност, тоа останува слатка тајна на надлежниот министер!