1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Втор бомбашки напад во Волгоград

ЖА/дв/дпа/ртре30 декември 2013

Втор напад во рок од 24 часа - во експлозија во полн тролејбус во Волгоград загинаа најмалку 14 лица. Претходно рускиот претседател Путин нареди зголемени мерки на безбедност по бомбашкиот напад во железничката станица.

https://p.dw.com/p/1AiOC
Фотографија: Reuters

Инспекторите кои ја водат истрагата за новата експлозија во Волгоград сметаат дека се работи за терористички напад.

„Во возилото очигледно се наоѓал експлозив“, изјави за агенцијата Интерфакс соработник на Националниот антитерористички комитет НАК. Во детонацијата, според медицински извори, загинале најмалку четиринаесет лица, а 28 се повредени. Претходниот ден во Волгоград во самоубиствен напад беа убиени 17 луѓе.

Рускиот претседател Владимир Путин ја овласти контраразузнавачката служба (ФСБ) што поскоро да ги истражи случаите. Претседателот за таа цел одржал консултаици со шефот на ФСБ, Александер Бортников, соопшти Кремљ. Путин одржал средба и со премиерот Дмитри Медведев. Двајцата политичари истакнаа - терористичките дела не смеат да останат неказнети.

Во моментот на експлозијата толејбусот на линија Н15, која од станбен кварт води кон центарот на градот, бил полн со патници, изјави член на спасувачките екипи. Детонацијата целосно го разорила возилото.

Експлозијата била чуена на километри оддалеченост. Според истрагата, експлозијата ги има истите препознатливи елементи од нападот од вчера.

Russland Wolgograd Explosion Anschlag Bahnhof
Вчера загинаа 17 лица во експлозија во железничката станицаФотографија: picture-alliance/dpa

„Не исклучуваме поврзаност на двата инциденти“, изјави соработник на НАК.

Рускиот претседател Владимир Путин по нападот во железничката станица нареди воведување засилени безбедносни мерки. На железничките станици, на аеродромите и во метроата полицијата врши засилени патроли, соопшти Министерството за внатрешни работи. Самоубиствениот атентат од вчера во фокусот ја става ефикасноста на безбедносните мерки. Путин ја увери меѓународната заедница дека земјата е во состојба да обезбеди целосно безбедно одржување на Зимските олимписки игри, кои за шест недели треба да почнат во Сочи. Манифестацијата важи за престижен проект на Путин.

Вчерашниот напад, според полицијата, покажува јасни паралали со поранешен напад во Волгоград. Кон крајот на октомври 2013 година жена-самоубиец активираше бомба во автобус и со себе во смрт однесе шест патници. Градоначалничката на Волгоград Ирина Гусева, по вториот напад, ситуацијата во градот ја оцени како тешка.

„Но, ние нема да дозволиме ни паника ниту очај во градот“, истакна таа.