1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Втор ден од изборите во Италија

ЕМФ/дв25 февруари 2013

Повеќе од 50 милиони Италијанци се повикани да го дадат својот глас на парламентарните избори. Гласањето завршува денеска (25.02) попладне. Одзивот на првиот ден од изборите беше релативно слаб.

https://p.dw.com/p/17l6E
Фотографија: Reuters

Снегот и дождот во Италија се една од причините за слабиот одзив на гласачите. Само околу 55 проценти од избирачите вчера го дале својот глас на парламентарните избори кои се означени како судбински за земјата. Од изборите зависи дали земјата ќе добие стабилна влада, што е еден од главните предуслови за излез на Италија од рецесија. Набљудувачите проценуваат дека трката ќе биде тесна. Како фаворит важи кандидатот на централно-левичарскиот сојуз Пјер Луиџи Берзани. Сепак, шанси имаат и поранешниот премиер Силвио Берлускони, кој во кампањата ветуваше даночни подароци, како и лидерот на популистичкото движење „5 ѕвезди“, комичарот Бепе Гриљо.

Европската унија напрегнато ги чека резултатите од гласањето во Италија. Брисел и финансиските пазари се за коалиција на Берзани и досегашниот премиер Монти. Аналитичарите стравуваат дека доколку победи Берлускони должничката криза би можела повторно да пламне. Марио Монти досега спроведуваше тешки реформи, меѓу другото во пензискиот систем и на пазарот на работна сила, за да бидат санирани државните финансии.