1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Втор круг, втора шанса

Катерина Блажевска5 април 2013

Во македонските политички партии очекуваат мирен и фер изборен ден, а аналитичарите предвидуваат помала излезност и помал интерес за вториот изборен круг

https://p.dw.com/p/18AJD
Фотографија: MIA

Учесниците во изборниот процес го трчаат последниот круг. Привршуваат кампањите, од кои веќе се изморени и кандидатите и граѓаните. Се е подготвено во недела да се одржи вториот круг од локалните избори во 29 општини и во градот Скопје. Прегласување на првиот круг во недела ќе има на едно избирачко место во Долнени и на три избирачки места во Струмица.

Д-р Марија Ристеска, извршен директор на Центарот за истражување и креирање политики, смета дека вториот круг на избори нема да побуди многу голем интерес кај гласачите и традиционално ќе покаже помала излезност.

„Главното прашање ќе биде како партиите ќе го мобилизираат своето гласачко тело да излезе на избори, со оглед дека очекувам неопределените, кои секогаш се одлучувачката сила, овојпат да имаат помал мотив да излезат и гласаат. Во однос на резултатот не очекувам многу сериозни поместувања од она што се покажа во првиот круг. Од кампањата на терен може да се забележи дека најостра е трката во општина Центар, каде секојдневно се промовираат нови решенија за постоjните проблеми и се окрупнува поддршката на кандидатите од двете страни. Сепак, одржан е континуитетот на кампањата и во Охрид, Струга, Струмица, Тетово и Куманово", вели Ристеска.

Нека биде фер

Во партиите очекуваат мирен и фер изборен ден. Се надевам дека се ќе помине во најдобар ред, вели пратеничката на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Благородна Дулиќ.

Andrej Zernovski
Аналитичарите очекуваат жестока битка во општина Центар, каде кандидат на опозицијата е Андреј ЖерновскиФотографија: DW

„Партиите ги водат кампањите на културен начин, атмосфератата е мирна, нема инциденти, нема кршење прозорци на партиски штабови како пред првиот изборен круг. Кандидатите во овој период се трудеа да се претстават во најдобро светло, да потенцираат проекти кои претходно не биле темелно презентирани или да понудат нови предлози од интерес на граѓаните. Целата атмосферата ветува фер и регуларен втор круг од изборите", оценува Дулиќ.

Потпретседателот на СДСМ, Зоран Јовановски, се надева дека нема да се повторат нерегуларностите од првиот изборен круг.

„Секој ден сум на терен и забележувам извесен сомнеж и губење на вербата дека волјата на граѓаните може на регуларен начин да победи на изборите. Сепак, се надевам дека нерегуларностите од првиот круг нема да ги видиме во вториот и дека сите учесници во изборите ќе дадат максимален придонес за фер и регуларен изборен процес", порачува Јовановски.

Според Башким Бакиу, претседател на Институтот за истражување политики и добро владеење, сепак, најголемата промоција на партиите е во првиот круг.

„Првиот круг е главен показател кој победува или каде има предност. Но и на вториов, на кој генерално му претходи мирна атмосфера, се очекува жесток изборен натпревар во некои општини, на пример, меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во Струмица и во Центар. Изборите беа еден вид затишје по настаните од 24 декември, а ако се случи оспорување на изборни резултати во некоја општина, на сцена веднаш ќе се вратат старите пресметки меѓу власта и опозицијата", прогнозира Бакиу.

Изборна соработка

Жестока изборна битка се очекува и во албанскиот политички блок. Во поголемиот дел од општините со мнозинско албанско население, ДУИ е во резултатска предност. Според Бакиу, тоа и дава комоција да го поддржи кандидатот на ДПА во Струга, Зијадин Сеља, но да води жестока битка за победа во Тетово и за Гостивар.

Mazedonien Kommunalwahlen Zijadin Selja
Зијадин Сеља, кандидат за градоначалник на СтругаФотографија: DW/M. Jovanoski

„Ако ДПА го изгуби Тетово, тоа ќе има различни импликации - потреба од реформи во партијата, а можеби и од ново раководство. Истото ќе се случи и ако НДП на Руфи Османи изгуби во Гостивар. Но, тоа ќе покаже и нешто друго- дека можат да опстојуваат две големи партии, исто како во македонскиот блок, околу кои ќе се припојат помалите", вели Бакиу.

Според партиски извори, во вториот круг коалициските партнери ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ ќе си дадат меѓусебна поддршка. ДУИ ги очекува гласовите на ВМРО ДПМНЕ во Тетово и Гостивар, а за возврат ќе ги поддржи кандидатите на Груевски во Куманово, Велес, Бутел, Центар и во градот Скопје.
Партиските лидери нема јавно да ги повикуваат своите членови и симпатизери да дадат поддршка на коалицискиот партнер, туку договорот треба да го операционализираат општинските организаци.

„Ако општинските ограноци сметаат дека еден од кандидатите влезени во вториот круг може повеќе да придонесе во реализацијата на проектите од интерес на нашите гласачи во некоја општина, ние тоа ќе го поддржиме", објаснува портпаролот на ДУИ, Бујар Османи.

Гласањето во првиот круг од локалните избори заврши во 49 општини.

Во недела ќе се гласа во Арачиново, Берово, Битола, Богданци, Брвеница, Бутел, Велес, Врапчиште, Гостивар, Дебарца, Делчево, Ѓорче Петров, Јегуновце, Кавадарци, Карбинци, Карпош, Кочани, Куманово, Лозово, Могила, Ресен, Старо Нагоричане, Струга, Студеничани, Теарце, Тетово, Центар, Чаир и Чешиново-Облешево и во градот Скопје.