1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Втор најголем колапс на банка во историјата на САД

Томас Шмит14 јули 2008

Државата ја презема ИндиМек-банката, која западна во тешкотии од кои веќе не можеше да се извлече. Крајот на кризата во банкарскиот сектор како последица на кризата на недвижнини во САД се’ уште не е на повидок.

https://p.dw.com/p/EbnL
Филијала на банката ИндиМекФотографија: AP

Приказната е како од холивудски филм: за само неколку денови вложувачите повлекоа повеќе од една милијарда и триста милиони долари од страв од неликвидност на банката ИндиМек. Така таа и навистина западна во длабока криза на неликвидност. Веќе не беше можен спас со сопствени сили, па во петокот државната институција за обезбедување на влоговите ја презема контролата врз неа. Преку тој орган во САД по правило се покриваат влогови до 100 илјади долари. ИндиМек првобитно располагаше со влогови во вкупен износ од 19 милијарди долари.

ИндиМек ќе биде продадена

За време на бумот на американскиот пазар на недвижнини ИндиМек беше еден од најголемите кредитори за широк круг клиенти, меѓу нив и многу со минимални гаранции. Во очајнички обид за спас, оваа хипотекарна банка минатата недела сосем го запре новото кредитирање и прејде на преполовување на персоналот. Кризата предизика и драстичен пад на вредноста на нејзините акции на њујоршката берза. Банката веќе денеска повторно ќе ги отвори своите филијали, сега под државна капа.

„Институцијата за обезбедување на влоговите, под чија контрола е банката, во наредните 90 денови ќе се обиде да ја продаде. Дотогаш ништо не се менува за клиентите со влогови помали од 100 илјади долари“, вели Дејвид Бер, претставник на Агенцијата.

Се страхува од колапс и на други хипотекарни институти

Во јавното барање на виновник за сломот на банката, нејзиниот Надзорен одбор му префрли на сенаторот од Њујорк Чарлс Шамер дека со јавните сомневања во бонитетот на ИндиМек го предизвикал нејзиниот пад, додека сенаторот го обвинува Надзорниот одборза негрижа. Крахот на ИндиМек е втор најголем во банкарската историја на САД по колапсот на Континентал Илиноис Нешенел банк со биланс од 40 милијарди долари во 1984-та година. Сега во браншата страхуваат од натамошни сломови. Во петокот имаше гласини дека поради проблеми со ликвидноста под државна заштита ќе мора да бидат ставени и двата најголеми американски хипотекарни финасиера, банките Фреди Мек и Фани Ме.