1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вуковар, градот кој се бори за воздух

Синиша Богданиќ/Р. Ѓорѓиев10 септември 2013

Иако земјата ја потресува тешка економска криза, Хрватска е вжештена од расправите за воведувањето двојазичност во Вуковар. Во градот никој не е среќен. Заедно, но одвоено, живеат Србите и Хрватите

https://p.dw.com/p/19fVU
Фотографија: DW/S.Bogdanic

Ретко кој во Хрватска останува рамнодушен на името на градот Вуковар. Во него се сублимирани сите страдања и ужаси на војната, уништени меѓунационални и добрососедски односи, и децении на трагање по мртвите и исчезнати хрватски цивили и војници. Тоа е град кој вистински се бори за воздух, во кој на никој не му удобно. Ни на хрватите повратници кои се обележани од воените стравови, ниту пак на Србите, на кои и покрај јавно промовираната поединечна одговорност, им се става колективна одговорност за воените злосторства. Ситуацијата само дополнително ја отежнува поставувањето на кирилични натписи и двојазичност, на што очекувано се спротиставија, тамошните Хрвати, а страстите дополнително ги разгоруваат десните политички струи кои отворено повикуваат да се собори лево-либералната левичарска владина коалиција.

Никогаш не знаеш кој те слуша во Германија

Во Вуковар стигнавме пред нешто повеќе од десет часа. На централниот плоштад сретнавме тројца постари мажи кои разговараа за политика. Со љубопитност не поздравија. Овде како што увидовме, не е необично домаќините срдечно да ве поздрават. На прв поглед, овој град изгледа идилично, а вие веднаш би посакале да живеете тука. Нема стравични сцени кои ги паметиме од воените репортажи. Туку, овде-онде може да се најде по некоја рушевина, помеѓу живописно бојадисаните обновени барокни градби. Во Вуковар дури и нема вулгарни националистички графити какви што има во Загреб, градот е наизглед питом и мирен.

Доста брзо го пронајдовме централниот низ на кафулиња, од кои се чини дека помеѓу младите најпопуларен е „032“. На балконот забележуваме мала игротека за деца, знак дека животот полека се враќа во градот. Од соседната „Мала Кафана“ се слушаат ново компонирани кафански песни, и машки глас кој гласно пее. Разговараме од што се живее во градот, а од спротивната маса ни довикуваат: „од пензија“.

Vukovar Kroatien Kneipe
Во недостаток на работа- од кафуле во кафулеФотографија: DW/S.Bogdanic

Потоа ни објаснуваат дека во градот нема индустрија и дека речиси сите живеат од пензии или други социјални примања. Дури и од тоа „кој како се снајде“ сите кафулиња во 10:30 се веќе прилично полни. Одлучивме да прошетаме по уредениот кеј на Дунав, се со цел да разговараме со локалните жители. „Чао, чао“ не поздравува срдечно еден насмеан младич облечен во црно, додека ги снимаме бродовите на реката, која наместо да ја спојува ја одвојува Хрватска од Србија. На главата носи црна баретка со хрватски грб, ме прашува „извини, стари, имаш ли цигара“, „не пушам“ му одговарам.

„Убава зграда, но запуштена“, ни дофрла еден средовечен маж покажувајќи ни ја зградата која некогаш веројатно била хотел. „Момци, вие сте сигурно од Загреб, и јас живеев таму, во прогонство, но се вратив“, додава тој. Го прашуваме дали би прифатил да разговара за Дојче веле. На почетокот прифаќа, но откако го здогледува диктафонот, се премислува. „Подобро не, никогаш не знаеш кој тоа во Германија слуша“, објаснува тој. Ни со вториот соговорник немавме среќа. Веднаш откако му поставивме не баш пристојно прашање за националноста, застана, не одмери и ни одговори „Србин“. Го прашавме што се случи во Вуковар, а тој само кратко одговори „политичарите“, ни го заврте грбот, се качи на својот велосипед и замина.

Ситни интереси во градот без иднина?

„Како да ги најдеме кириличните табли“, запрашавме еден полицаец пред центарот за социјална помош. „Многу лесно, таму каде што има полицајци таму има и табла, а една има и тука. Ама оваа е златна па има отсјај, можеби вам повеќе ќе ви се исплати да фотографирате црна, каква што има едно 200 метра подолу“, не упати тој доста љубезно. „Не ги мразиме Србите“, се првите зборови кои ги изговара педесет годишниот Јаков. Тој објаснува дека најголем проблем во градот е невработеноста, и тоа што сите па и неговите деца го напуштаат градот. „Мојот пријател Златко, има пензија па има сигурни примања, а јас повеќе не работам отколку што работам“ вели тој. Тој додава дека луѓето во Вуковар и покрај сѐ што проживееја сѐ уште трпат понижувања. „Кирилицата ја сфаќам како изживување со народот и провокација“, ни објасни тој и потврди дека во Вуковар постои сегрегација. „Точно е дека постојат хрватски и српски кафулиња, и училиштата се поделени“, додава предходно споменатиот Златко, поранешен хрватски војник. За сѐ ги обвинува политичарите и историјата, „не знам која генерација ќе живее во вистински соживот, бев во војната и тешко ни е сето тоа да го гледаме, сѐ уште ги бараме нашите мртви, а сѐ се претвори во ситни интереси. Секоја партија си ги гледа своите интереси преку разни коалиции“ е неговото мислење.

Vukovar Kroatien Sozialamt
Двојазична табла пред центарот за социјални работиФотографија: DW/S.Bogdanic

„Српските партии ја споменуваат кирилицата само кога сакаат на својот народ да му покажат дека нешто работат“. Јаков додава дека во Загреб сите се упатени во тоа како се живее во воените подрачја но немаат некои посебни чувства кон нив. „ Не останав во Вуковар до крајот на војната, но им се воодушевувам на тие кои останаа. Бевме нападнати. Пред војната во Вуковар немаше националистичка атмосфера, нити пак така бевме воспитувани. Сите бевме една целина, но преживеавме омраза“, се присетува тој на воените години.

Инкубатор на омразата

„Овде се гаи омразата! Како ќе продолжат младите да живеат овде?“ - возбудено ни раскажува Радмила, Србинка која ја застанавме на нашата последна прошетка, а која едвај ја убедивме да ни го каже своето име. Вели дека студирала две години во Белград, а потоа 42 години живеела во Франција. Секогаш се враќа во Вуковар. „Некогаш животот тука беше толку убав, сите се сакавме. Вие велите дека тука е се мирно и питомо, но јас мислам дека на луѓето им е влеан голем страв и затоа на луѓето им е страв да разговараат со вас. Сега кога ќе се вратам во Франција дишам. Овде немаме рамноправност и слобода која некогаш ја имавме. Овде Србите мораат да молчат затоа што се плашат од одмазда. Луѓето се плашат еден од друг. Се затвораат во своите куќи. Има ли тука живот? Мора ли вака? За кој се гради овој град ако луѓето тука не можат да бидат слободни?“ Сепак, и таа не ја заобиколи лошата економска состојба и недостатокот на работни места кои ја потенцираат нетрпеливоста меѓу двата народи. „Мојот сопруг, кога ќе се врати уморен од работа нема време да размислува за тие работи“, додава млада жена со дете која, одбива да се претстави, но претпоставуваме дека и е ќерка на Радмила. „Верувајте дека никому не му дошло до таа кирилица, и јас морам да размислам како што се пишува на кирилица, иако ја учев во училиште, дајте ни мир, слобода и рамноправност“ заклучува Радмила.

Vukovar Kroatien Baustelle
Центарот на градот е големо градилиштеФотографија: DW/S.Bogdanic

Хрватите пак велат дека кирилицата не е опција сега, и не е во интерес на соживотот. „Очекувам хрватските политичари да седнат со српските и да ги смират тензиите, Србите сега мора да бидат гласот на разумот и да кажат дека не е време за крилицата додека не се најдат исчезнатите Хрвати. Некои работи не се до крај завршени. Неодамнешната историја не е решена. Мене лично кирилицата не ми смета. Апсурдно е што на тие установи има двојазични натписи, а децата ни одат во различни училишта а ние во различни кафулиња. Тогаш нека направат и одвоени институции за различните табли, а не само тука за „демек“ бидеме рамноправни. Ако до тоа дојдовме да живееме одвоено“, порачува пензионерот Златко, незадоволен од тоа што политичарите си поигруваат со емоциите на „малиот“ човек.

Од Вуковар тргнавме кон Загреб во доцните попладневни часови. Ги препознавме момците кои утрово ги видовме во „Мала Кафана“, сега прејдоа во соседното кафуле „032“. Но сега ги снима друга новинарска екипа, кои деновиве ги има често во Вуковар.