1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вулф се извини и остана на функцијата

22 декември 2011

По големите бранувања околу аферата со кредитот од пријател стопанственик, германскиот претседател Кристијан Вулф попладнево (22.12) конечно даде изјава, која опозицијата од него ја бара со денови.

https://p.dw.com/p/13Xpr
Останува на функцијата - Сојузниот претседател Кристијан Вулф денеска, на прес-конференцијата во БерлинФотографија: dapd

По една недела постојани критики поради неговите тесни врски со богати претприемачи, германскиот Сојузен претседател Кристијан Вулф се извини за својот однос кон аферата со кредитот за неговата семејна куќа. Откако адвокатот на Вулф вчера појасни дека бизнисменот Егон Гееркенс учествувал во преговорите за приватниот кредит на претседателот во времето кога бил покраински премиер на Долна Саксонија, денеска доаѓа извинувањето и појаснувањето на Вулф дека приватните пријателства немаат влијание врз неговото извршување на функцијата. Претседателот жали поради иритациите во јавноста и обвинувањата ги зема сериозно предвид, но нагласува дека сите информации се дадени и дека одговорил на 250 прашања од секаков вид. Кристијан Вулф соопшти дека останува на функцијата и ги замоли граѓаните за доверба.

Сојузниот претседател е изложен на голема критика во германската јавност поради купување куќа во Хановер во 2008 година, во време кога беше покраински премиер на Долна Саксонија, преку приватен кредит од сопругата на бизнисменот Гееркенс - како што тврди претседателот на Германија. Но, претприемачот Гееркенс за неделникот „Шпигел“ изјави дека тој лично преговарал со Вулф и размислувал за модалитетите на трансакцијата. На прашање на Партијата на зелените во покраинскиот парламент во Хановер мината година - дали Кристијан Вулф имал деловни врски со Гееркенс или неговите фирми - Вулф негираше. Германскиот претседател се најде под притисок и поради тоа што деновиве беше обелоденето дека познатиот германски претприемач Карстен Машмајер ја платил сметката за реклама за книга на Вулф, во висина од речиси 43.000 евра. Кристијан Вулф тврди дека не знаел за тоа. Во меѓувреме, државното обвинителство во Хановер, кое проверуваше четири тужби против германскиот претседател, поврзани со приватниот кредит во висина од 500.000 илјади евра и повеќе патувања, при кои Вулф како покраински премиер престојувал на гости кај пријатели-бизнисмени, соопшти дека нема основа за кривично гонење.

Pressekonferenz Bundespräsident Christian Wulff pixel
Вулф ги замоли граѓаните за довербаФотографија: picture alliance / dpa

Пред претседателот да ја даде изјавата попладнево, од должноста беше ослободен портпаролот на Вулф, 50-годишниот Олаф Глезекер. Глезекер беше долги години човек од доверба на Вулф.

Автор: Елизабета М.Фиданоска /дпа/дапд/афп

Редактор: Зоран Јордановски