1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вучиќ во мисија на убедување на Србите на Косово

ЕМФ/бета12 мај 2013

Српскиот вицепремиер Александар Вучиќ денеска (12.05) на Косово се обидува да ги убеди Србите од северот да учествуваат во примена на договорот за нормализација на односите на Белград и Приштина.

https://p.dw.com/p/18WUJ
Фотографија: picture alliance / dpa

Во бриселскиот договор никаде не пишува дека ќе се почитува косовскиот Устав, рече денеска српскиот вицепрмеиер Александар Вучиќ во Лепосавиќ. Објаснувајќи го договорот постигнат во Брисел, Вучиќ нагласи дека ќе се применуваат косовски закони, но дека државата Србија ќе ги финансира вработените во образованието и здравството.

„Никој во моите очи не може да види радост поради бриселскиот договор. Дојдов на народот овде да му кажам што можеме да сториме во наредниот период, кои се нашите обврски и не сакам да го убедувам народот дека тој документ е добар“, рече Вучиќ.

Тој порача дека нема да го залажува народот „како некои кои велат дека се поголеми патриоти од него“. Осврнувајќи се на митингот одржан на 10 мај во Белград Вучиќ нагласи дека нема да каже ниту збор против владиците и нивниот тон вперен против владата, како ниту против кој било друг кој води хајка против него:

„Доста беше од мешетари, од приказни дека народот ќе биде оставен, затоа што тоа никогаш нема да се случи, а ќе има уште тешки работи кои ќе мора да ги проголтаме, но низ сето тоа мора да минеме заедно“, истакна српскиот вицепремиер, повторувајќи дека Србија никогаш нема да го признае независно Косово.

Косовските Срби во петокот (10.05) одржаа митинг во Белград под мото „Остануваме во Србија“. Митрополитот црногорско-приморски Амфилохије на собирот рече дека се моли за простување на гревовите, намерни и ненамерни, на Владата и Парламентот. Владиката во пензија Атанасије, зборувајќи за државниот врв на Србија, рече дека „тројцата на власт се предавници кои веруваат во гаранциите на НАТО“. Претседателот на општина Зубин поток, Славиша Ристиќ, пак, ја обвини српската власт дека има намера да го „продаде Косово и српскиот народ“ кој живее таму.