1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вучиќ и Николиќ како замена за институциите

Ивица Петровиќ/Б. Георгиевски14 февруари 2013

Контактите на српските државни функционери со криминални кланови повторно го отвораат прашањето за спрегата на криминалот и политиката. Дали се потребни институции или „чудотворни“ личности за борба против криминалот?

https://p.dw.com/p/17dsI
Фотографија: DW

Откако српскиот премиер Ивица Дачиќ призна дека повеќе пати се среќавал со шефот на криминалниот клан Родољуб Радуловиќ, инаку обвинет за шверц на кокаин, јавноста остана без одговор околу тоа за што разговарале двајцата. Дачиќ одбива да каже за што се разговарало со Радуловиќ, инаку познат по прекарот Миша Банана, по што и скандалот доби име „аферата Банана“.

Трагикомичната ситуација дополнително ја искомпликува и признанието на Драгољуб Мичуновиќ, претседател на Политичкиот совет на Демократската партија (ДС) дека и тој имал контакти со Радуловиќ, но негираше дека од него добивал пари за своите политички активности. Посебни дилеми предизвика признанието на поранешниот претседател Борис Тадиќ, кој изјави дека заедно со шефот на неговиот кабинет знаеле за контактите на Дачиќ со припадниците на нарко-кланот, што пак отвори сомнежи дека тој податок го премолчеле поради политички калкулации.

Кој да ги расчисти валканиците?

Целата афера околу врските на политичарите и подземјето има своја морална и правна димензија, вели за ДВ социологот Јово Бакиќ. Од политичарите не може да се очекува висок морал, но поважно е колку далеку ќе се оди во расчистувањето на кривично-правната одговорност за нивните постапки.

Serbien Premierminister Ivica Dacic
Ивица ДачиќФотографија: AP

„Правосудството е во катастрофална состојба и тоа е поткупливо. Но, постои политичка волја, и тоа по првпат, нештата да се изведат на чистина. Тука, за жал, не говориме само за еден политичар, кој сепак е на важна функција и не е исклучено дека правосудството со постојниот поттик можеби нешто и ќе стори. Но, сето тоа е неизвесно и ние живееме во еден вакум во кој едноставно не знаеме што ќе се случува“, вели Бакиќ.

Прашање е и како правосудството, такво какво што е, до крај ќе ги расветли контактите на  Дачиќ со криминалците, кога тој не е само премиер, туку и министер за внатрешни работи.

„Начелно, Дачиќ треба да поднесе оставка на функцијата, и тоа во цивилизираните земји секогаш се прави. Но, ние сме далеку од некоја цивилизираност, и тој си остана на функцијата како ништо да не се случува. Од друга страна, неговата позиција е ослабена и тој веќе сега е практично политички мртов“, вели Бакиќ.

Чудотворецот!?

Постои само едно решение, вели историчарот Чедомир Антиќ, претседател на Напредниот клуб, а тоа е политичката елита да се договори за создавање на силно и независно судство. Но, наместо тоа ние сме оптоварени со феноменот на чудотворецот:

„Тоа некогаш го имаа Демократската партија на Србија (ДСС), па ДС, а еве сега и Српската напредна партија (СНС). Јас не знам уште колку пати ќе се повторува појавата на тој чудотворен човек чиј допир е лековит, погледот - благороден, и кому сите му веруваат. Не им веруваат на институциите, не им веруваат на партиите, не и‘ веруваат на државата, но му веруваат на чудотворецот кој е 20 години во политиката, и многу малку сторил во политиката, освен за себе лично, а сега одеднаш решава се’. И ние слушаме од опозициските партии дека се тие против владата, но поддржуваат еден владин министер, односно потпретседателот на владата во неговата самопрекорна работа“.

Serbien Aleksandar Vucic
Александар ВучиќФотографија: AP

Томислав Николиќ и Александар Вучиќ се единствените кои можат до крај да расветлат што правел премиерот Дачиќ. Тие можат да ја урнат владата, да свикаат нови избори и така да ги изимитираат институциите, вели Антиќ.

„И дел од народот, за жал мнозинството, на тоа ќе аплаудира, но кога ќе дојдат изборите СНС нема да добие 50 проценти и повторно ќе мора да коалицира со некого, бидејќи изборот ќе биде помал цената ќе биде поголема, и ние потоа ќе бидеме во уште подлабока криза“, заклучува Антиќ.

Отпорот, целиот случај да се расветли до крај, ќе биде огромен, бидејќи ако тоа се случи всушност ќе значи крах на целата политичка сцена во Србија, објаснува Бакиќ. И покрај тоа што интересот на општеството е случајот да се расчисти.