1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вујановиќ останува претседател на Црна Гoра

ЖА/дв/ртре/бета9 април 2013

Шефот на државата Филип Вујановиќ е официјално победник на претседателските избори во Црна Гора, соопшти Државната изборна комисија. Претходно, за победник се прогласи и неговиот противкандидат, Миодраг Лекиќ.

https://p.dw.com/p/18C7R
Фотографија: picture-alliance/dpa

Досегашниот претседател на Црна Гора Филип Вујановиќ победи на претседателските избори со освоени 51,2 отсто од гласовите, покажуваат прелиминарните податоци на Државната изборна комисија.

Неговиот противкандидат, Миодраг Лекиќ ја добил поддршката на 48,8 отсто од гласачите.

Претседателскиот кандидат на Демократската партија на социјалистите Филип Вујановиќ на изборите што се одржаа во неделата освоил 161.940 гласови, додека за кандидатот на опозицијата, Миодраг Лекиќ, гласале 154.290. Неважечки гласачки ливчиња имало 10.563.

Двајцата кандидати доцна во неделата објавија победа на изборите, но потоа повикаа да се почека соопштувањето на исходот од Државната изборна комисија. Според цногорските медиуми, резултатите на ДИК биле усвоени со надгласување, а дел од членовите биле против или се воздржале од гласањето.

Од штабот на Лекиќ обвинија дека станува збор за изборна кражба.

Опозицијата соопшти дека нема да го признава третиот мандат на Вујановиќ. Уште пред изборите, опозиционите партии ја обвинија власта за изборни манипулации во голем обем. Се вршело и плаќање на гласачи, што владата го демантираше.

Шефот на црногорската држава има главно репрезентативна функција, главната власт лежи во рацете на премиерот. Социјалистот Вујановиќ, кој на функцијата е од 2003 година, се кандидираше за трет мандат. Тој важи за близок човек на премиерот Мило Ѓукановиќ и пред изборите ветуваше зголемување на напорите за влез на Црна Гора во ЕУ и во НАТО.