1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Гадафи безмилосен против демонстрантите

20 февруари 2011

Повеќе од сто луѓе загинале во судирите со безбедносните сили во Либија за време на протестите против режимот на Моамер Гадафи. Во Бахреин состојбата се смирува откако властите прифатија преговори со опозиционерите.

https://p.dw.com/p/10KiE
Се ниша фотелјата на Гадафи во ЛибијаФотографија: AP

Либиските безбедносни сили застрелале повеќе од сто луѓе во обид да го сопрат револтот на илјадници демонстранти, кои протестираат против режимот на Моамер Гадафи. Состојбата во Либија е критична, но никој не знае што точно се случува, бидејќи пристапот на странските новинари им е забранет, а голем дел од информациите доаѓаат од непроверени и неформални извори.

Сепак, повеќе од сигурно е дека најголемиот бунт против Гадафи се одвива во градот Бенгази на истокот на земјата, каде се загинаа и најголемиот дел од жртвите, и каде протестите се во тек деноноќно, слично како и во Египет. Повеќе медиуми јавија дека во центарот на Бенгази демонстрантите подигнале барикади и ја минале ноќта на отворено, а за денеска се најавени нови масовни собири.

Верските лидери во Либија во отворено писмо ја повикаа полицијата и армијата да престане да употребува сила против демонстрантите. „Престанете да ги убивате нашите браќа и сестри. Запрете го масакрот, сега!“, се наведува во апелот.

Италијанската новинска агенција Анса пренесе изјава на очевидец, кој тврди дека во Бенгази се уништени сите владини згради и банки. Агенцијата Ројтерс, пак, јавува дека преостанатите безбедносни сили во градот се забарикадирале во зграда и оттаму со снајпери пукаат врз демонстрантите. Провладините либиски медиуми, од друга страна, тврдат дека во најголемиот дел од градот состојбата е под контрола, а досега загинале околу дваесетина луѓе. Полицијата морала да отвори оган, откако демонстрантите се обиделе да нападнат полициска станица и воена база, тврдат тамошните медиуми.

Flash-Galerie Unruhen Proteste in Nahost Bahrain
Во Бахреин состојбата се смирува откако кралското семејство прифати преговори со опозицијатаФотографија: AP

Властите во Бахреин отвораат преговори со опозицијата

За разлика од Либија, каде состојбата е пред ескалација, во Бахреин револтот полека се смирува, откако властите одлучија да ги повлечат безбедносните сили од плоштадот во главниот град Манама. Илјадници демонстранти синоќа и денеска слават, откако владата соопшти дека ќе почне процес на преговори со опозиционерите за реформи во земјата. За главен преговарач со опозицијата е назначен принцот наследник Салман, кој во изјава за СиЕнЕн рече дека сите политичките партии ќе бидат застапени на преговарачката маса.

„Ова не е ниту Египет, ниту Тунис. Ние не сакаме овде да ни се случат милитантен екстремизам и секташки судири како во Северна Ирска“, изјави принцот Салман.

Во Египет, пак, вчера беше регистрирана и првата политичка партија по падот на режимот на Хосни Мубарак. Судот во Каиро ја запиша во регистарот партијата Васат, или Партија на центарот.

Автор: БГ/ројтерс/ап

Редактор: Трајче Тосев