1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Гадафи му се заканува на Западот

19 март 2011

Додека западните сили одржуваат кризна средба во Париз, либискиот диктатор Моамер Гадафи ги продолжува нападите врз градот Бенгази, упориште на опозицијата, и покрај наводниот прекин на огнот, прогласен синоќа (18.03.)

https://p.dw.com/p/10cc4
Бунтовниците се` уште се бранат самиФотографија: AP

Се чини дека либискиот властодржец се обидува да ги искористи последните часови пред најавената воена интервенција од Западот, која би можела да почне само неколку часа по завршувањето на денешниот состанок во Париз.

Портпарол на опозициските сили соопшти дека трупите на Гадафи влегле во Бенгази од западната страна, додека очевидци тврдат дека воен авион на либиската армија кружел околу градот, пред да биде соборен, а исто така има информации и за најмалку една експлозија во близина на седиштето на опозицијата.

Гадафи, пак, останува на ставот дека Западот нема право да интервенира. Резолуцијата на ОН за воведување зона на забранети летови над Либија ја прогласи за неважечка. „Тоа е неправда, чиста агресија“, пишува диктаторот во писмото, испратено до Франција, Велика Британија и ОН. „Ќе зажалите, доколку се одлучите да се вмешате во нашите внатрешни работи“, цитираше портпарол на либиската влада, Ибрахим Муса. Посебно писмо Гадафи упатил до американскиот претседател Барак Обама. Во него, меѓу другото, Гадафи пишува оти не се бори против сопствениот народ, туку против луѓе на терористичката мрежа Ал Каеда, распространета низ цела Африка. Тој уште додава дека неговиот народ е подготвен и да умре за него.

Libyen 19.03.2011
Силна експлозија во Бенгази, по соборувањето на воениот авион на либиската армијаФотографија: AP

Меѓународната заедница ги разгледува сите опции

Во Париз лидерите на ЕУ, ОН, Африканската унија и Арапската лига денеска одржуваат кризна средба, на која разговараат околу имплементирањето на одлуката на ОН за воведување зона на забранети летови над Либија. Освен домаќинот Никола Саркози, меѓу учесниците на средбата се и американската министерка за надворешни работи Хилари Клинтон, германската канцеларка Ангела Меркел и британскиот премиер Дејвид Камерон.

Првичните резултати од состанокот ќе ги соопшти францускиот претседател Никола Саркози, на прес конференција околу 15 часот и 30 минути. Франција е една од земјите која нагласно бараше воздушна акција против силите на Гадафи во Либија.

Утрово состанок во Брисел одржаа и амбасадорите на 28 земји-членки на НАТО, на кој исто така стана збор за натамошните чекори во Либија. Тие не донесоа одлука, но најавија дека ќе ја продолжат средбата подоцна попладнево, откако ќе бидат познати заклучоците од разговорите во Париз.

Автор: ТТ/ АТ/ ројтерс/ афп

Редактор: Александра Трајковска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема