1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Гаранција за вработување за младите во ЕУ?

Клаус Јансен/ Симе Недевски5 декември 2012

Невработеноста меѓу младите во ЕУ е алармантно висока. Затоа Еврокомисијата денеска ќе претстави план за справување со проблемот кој, меѓу другото, предвидува гаранција за вработување на Европејците помлади од 25 години.

https://p.dw.com/p/16vVJ
Фотографија: Getty Images

Повеќе од пет милиони млади во Европската унија се невработени, а тој број би требало и натаму да расте. Состојбата е тешка пред се’ на југот на Европа. Поради тоа, ЕУ за решавање на овој проблем подготви нов план.

За основните одредби на планот се расправа веќе со месеци. Начелно, секој Европеец помлад од 25 години би требало да добие т.н гаранција за вработување. Најдоцна четири месеци по завршувањето на образованието на секој млад човек би требало да му се отвори некаква работна перспектива - ново работно место или можност за натамошно образување или доколку нема ништо друго, посетување на практична настава. За овие мерки се дискутира поради тоа што младите се‘ потешко наоѓаат можност успешно да се вклучат на пазарот на труд. Еврокомесарот за социјални прашања Ласло Андор денеска (05.12) треба официјално да ги претстави деталите од планот.

ЕУ нема надлежност

Jugendarbeitslosigkeit
Фотографија: picture-alliance/dpa

Но претставникот на Меѓународната организација за труд (ИЛО) Екехард Ернст смета дека проблемот со ваквите планови може да претставува фактот што ЕУ нема многу правни основи според кои може да влијае врз состојбата со невработеноста: „Образованието припаѓа во надлежностите на секоја поединечна земја членка. Тука ЕУ не може да има влијание“, смета и аналитичарот на Германскиот институт за економски истражувања (ДИВ) Карл Бренке. ЕУ, меѓутоа, може барем да ги советува земјите-членки што треба да направат по ова прашање.

А тие совети би се засновале на позитивните примери од праксата: Во Шведска таквата програма со гаранција функционира уште од деведесетите години на минатиот век. И во Австрија во последните неколку години се применува сличен систем. И во двете земји стапката на невработеност кај младите е ниска. Во Австрија таа изнесува нешто повеќе од осум насто. Од друга страна, во Шпанија и во Грција, каде вакви програми не постојат, невработена е секоја втора млада личност.

Јужна Европа не е средна Европа

Но јужна Европа и средна Европа не можат туку-така да се споредуваат, предупредува Карл Бренке. На југот на стариот континент на младите честопати им недостасува практично искуство. „Тие главно се образуваат во училиште, а кога ќе го завршат образованието, многу им е тешко да го направат првиот чекор.“ Дуален систем на образование каков што постои во средна Европа многу би го олеснил овој почеток. Од една страна, младите луѓе стекнуваат теоретско знаење, но истовремено веќе се во контакт со компаниите. Така можат многу порано да стекнат искуства во работниот свет. Шпанија дури сега започна да го прилагодува својот образовен систем со средноевропскиот.

Deutschland Berufsschule in Stuttgart Klasse Flash-Galerie
Фотографија: picture alliance/dpa

Освен тоа во Австрија на пример постои практика на блиска соработка меѓу јавниот сектор и средно големите претпријатија. Во други земји тоа не е така. Краткорочно практичната настава би можела да помогне, но во земјите во кои економијата е во криза не може да има долгорочни решенија, сметаат експертите. Без оглед на тоа, ЕУ очекува поддршка за својот план и од земјите од југот на Европа. Како поттик би требало да послужат европските социјални фондови, бидејќи парите од тие фондови во одделни држави би можеле да бидат употребени за финансирање на програмата за вработување на млади.