1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Гаук: Доселувањето е добро за Германија

ЖА/кна/дпа25 јануари 2014

Германскиот претседател Јоахим Гаук ја критикува актуелната дебата за доселувањето во земјата. Доселениците не ѝ наштетуваат, туку напротив ѝ користат на Германија, смета првиот човек на државата.

https://p.dw.com/p/1Ax6z
Фотографија: picture-alliance/dpa

Сојузниот претседател на Германија Јоахим Гаук се вклучи со опоменувачки зборови во дебатата за доселувањето во земјата:

„Погрешно е и опасно за внатрешниот мир ако се сугерира дека доселениците ни наштетуваат, ја земаат работата или го загрозуваат нашиот систем за социјална заштита. Напротив, точно е токму спротивното - доселувањето многу ѝ користи на оваа држава“, изјави Гаук за весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.

Но, претседателот повикува и да не се затвораат очите и отворено да се дискутираат проблемите: „Политичката коректност не смее да нѐ спречи да ги идентификуваме и да ги посочиме“.

Некои општини се соочени со тешка ситуација поради доселениците од Романија и од Бугарија. Таму на пример има ромски семејства кои своите деца не ги праќаат во училиште и со тоа им ги ускратуваат животните шанси.

„Во разговор со градоначалниците ми стана сосем јасно колку е важно јавно да кажеме - ова однесување или други прекршувања на правилата не ги прифаќаме“.

Јоахим Гаук истакна меѓутоа дека „Ромите сѐ уште се дискриминирано малцинство во Европа, што налага потреба од политичка акција, зашто таквата ситуација не смее да остане“.

Дебатата во Германија околу доселениците ја разгореа барањата на Христијанско-социјалната унија за ограничувања на пристапот на луѓето од Романија и Бугарија кон германскиот пазар на труд и спречување на т.н. социјален туризам.

Повод беше одредбата според која од почетокот на оваа година во ЕУ е во сила целосна слобода на движењето на работниците, која важи и за граѓаните од Романија и Бугарија, за кои досега постоеја преодни ограничувања. Сега тие имаат целосен слободен пристап и на германскиот пазар на труд. Од овој аспект, Христијанско-социјалната унија бара воведување построги правила против злоупотреби од страна на т.н. сиромашни мигранти и нивно оневозможување да го искористуваат системот за социјална заштита на земјата, под мотото „Кој мами, ќе лета“.