1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Гаук одржа говор на Денот на ослободувањето на Холандија

ЕМФ/афп/дапд5 мај 2012

Сојузниот претседател Јоахим Гаук денеска (05.05), како прв германски и прв странски претседател воопшто, во Холандија одржа говор по повод Денот на ослободувањето.

https://p.dw.com/p/14qVt
Фотографија: picture-alliance/dpa

Јоахим Гаук на официјалната свеченост, по повод холандското ослободување од германска окупација, во градот Бреда денеска им оддаде почит на холандските борци на отпорот и на жртвите на националсоцијалистите. Сојузниот претседател рече дека за него како Германец „не е само по себе разбирливо“ држењето говор во Холандија. Со оглед на тоа што Германците се соочиле со „товарот и историската вина“, според Гаук, денес можат да слават со сите што тогаш ја вратија својата независност и се ослободија од „националсоцијалистичкиот јарем“.

Во својот говор во Бреда, Гаук денеска потсети на повеќе од 100.000 Евреи кои биле убиени од нацистите, како и на „срамните дела и злосторства“, како бомбардирањето на Ротердам и стотиците илјади Холанѓани кои биле депортирани на работа во Германија.

Истовремено, тој им оддаде почит на холандските борци на отпорот, чиј пример е важен и денес. „Зашто од времињата на војна и прогон учиме за што се‘ е способен човекот - во зло и во добро“, рече германскиот претседател. И покрај страдањето што нацистичка Германија во Втората светска војна и‘ го предизвика на Холандија, двете земји денес се партнери во ЕУ и НАТО, делат исти вредности и се залагат за нив во Европа и светот, нагласи тој. Пред 67 години, на крајот на Втората светска војна, ова за многумина беше сон, рече Гаук и додаде дека за слободите и правата, какви што ги има во Холандија и Германија, денес се‘ уште сонуваат многу луѓе во други делови на светот, како Африка или Блискиот исток. Голем дел од луѓето во Европа, пак, слободата ја мешаат со хедонистички стил на живеење, со политичка и етичка произволност. Притоа ги нема вредностите како што се одговорноста, доверливоста, заедништвото и солидарноста, нагласи германскиот претседател денеска во Бреда, на Денот на ослбоодувањето на Холандија, на свеченост на која присуствуваше и холандскиот принц Виљем Александер.