1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Г.г. Стефан: Нишкиот договор не важи, МПЦ и СПЦ мора да стартуваат со нешто ново

СН/АТ/макфакс4 ноември 2012

Поглаварот на Македонската православна црква, г.г. Стефан смета дека и покрај децениските разговори МПЦ и СПЦ и натаму се на самиот почеток кога станува збор за договарањето на решението на меѓусебниот спор.

https://p.dw.com/p/16cfS
Фотографија: DW

Поглаварот на МПЦ , г.г. Стефан денеска изјави дека нацрт договорот од Ниш меѓу Српската православна црква (СПЦ) и МПЦ е завршен и не важи. Според него, двете Цркви мора да стартуваат со нешто нов, што е прифатливо за двете страни.

„Потребно е и двете страни да имаат расположение за решавање на спорот меѓу СПЦ и МПЦ, но засега и покрај низата децениски средби и разговорите договарањето за решавање на спорот се’ уште е на својот почеток. Мораме да стартуваме со нешто друго, што би значело прифатливо од двете страни за разлика од тој веќе споменат текст од Ниш“, рече г.г. Стефан по осветувањето на нова црква „Свети Климент Охридски“ во Штип.

Тој констатираше дека наместо духовниците да ги поучуваат државниците за црковни работи, се случило обратното.

„По најавите на претседателот на Србија, вие знаете дека веќе имаше изјави од архиереј на МПЦ и од Синодот, имаше и изјави од архиереј на Српската православна црква и од самиот патријарх на неговата светост господин Иринеј и веројатно и двете страни ќе направат она што е потребно да го направат и натаму, веројатно ова ќе го имаат како поука наместо духовниците да ги поучуваат државниците за црковните работи се случи обратното, за што им благодарам“ рече г.г. Стефан.

Минатата недела во посета на Македонија дојде српскиот претседател, Томислав Николиќ и заедно со македонскиот претседател, Ѓорге Иванов се заложија да помогнат во решавањето на проблемот меѓу МПЦ и СПЦ.

Српскиот патријарх Иринеј после посетата изјави дека прифаќа преговори со МПЦ, но во согласност со договорите кои претходно ги имале двете цркви, споменувајќи го и Нишкиот договор од 2002 година.

Овој договор СПЦ го прифати, а за македонската страна е оценет како работен документ што нема обврзувачки карактер.