1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Генералното собрание на ОН побара оставка од Асад

17 февруари 2012

Генералното собрание на ОН со големо мнозинство го осуди насилството на сирискиот режим и побара оставка од претседателот Башар Ал Асад.

https://p.dw.com/p/144de
Фотографија: Reuters

Генералното собрание на ОН со големо мнозинство го осуди насилството на сирискиот режим и побара оставка од претседателот Башар Ал Асад. 137 држави членки на ОН гласаа за предлог резолуцијата поднесена од Саудиска Арабија. 17 земји се воздржаа од гласање а 12 беа против, меѓу нив Кина, Русија, Северна Кореја и Венецуела. Руската влада критикуваше дека резолуцијата е еднострано насочена кон Асад. Кина и Русија веќе со вето блокраа слична резолуција во Советот за безбедност на ОН.

Резолуцијата нема обврзувачки карактер

Постојаниот претставник на Сирија во ОН Башар Џафари ја нарече вчерашната резолуција „пристрасна“, нагласувајќи дека неговата земја планира да ги реформира институциите и на 26 февруари да одржи референдум за нов устав.

Со резолуцијата е поддржан планот на Арапската лига за предавање на власта и формирање влада на национално единство, со цел да се распишат избори. Во документот се повикува и на примена на планот на Арапската лига за прекин на насилствата најдоцна за 15 дена.

На Генералните собранија не може да се поднесе вето, меѓутоа сите заклучоци и резолуции остануваат само со апелативен карактер. Санкции и обврзувачки резолуции на ОН може да усвои само Советот за безбедност.

Според податоците на ОН, во Сирија од почетокот на антивладините протести во март минатата година, се убиени повеќе од 5.400 луѓе, повеќе од 18.000 цивили се уапсени, а илјадници лица се исчезнати.

Автор: СН/ БГ/ афп/ ртр/ миа/ дапд/ дпа

Редактор: Александра Трајковска