1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Генерал Ален ќе се откаже од функција во НАТО?

ЕМФ/дв14 февруари 2013

Американскиот генерал Џон Ален добро ја издржа аферата „Петреус“. На крајот беше заклучено дека се однесувал коректно. Сепак, Ален најверојатно ќе ја повлече кандидатурата за командант на НАТО.

https://p.dw.com/p/17dr2
Фотографија: REUTERS

Аферата „Петреус“ веројатно го следи Џон Ален подолго отколку што се сметаше. Според информации на телевизијата Ен-Би-Си, американскиот генерал најверојатно ќе ја повлече својата кандидатура за врвната НАТО функција во Брисел. И магазинот „Форин Полиси“ и агенцијата Ројтерс известуваат дека поранешниот командант на меѓународните сили во Авганистан многу сериозно размислува за откажување од врвната функција во НАТО.

Американското министерство за одбрана во јануари годинава, по спроведената истрага, го ослободи Ален од обвинувањата дека пишувал „несоодветни“ мејлови на една жена, но генералот, според Ен-Би-Си, сака да го поштеди своето семејство од нова постапка на потврдување на функцијата што ќе се води во Сенатот и во текот на која имејл пораките сигурно повторно би биле тема. Телевизијата за своите информации се повикува на извори во армијата.

Дејвид Петреус, шеф на ЦИА и поранешен командант на американските сили во Ирак и Авганистан, поднесе оставка на 9 ноември 2012 година поради врската со Пола Бордвел, која беше негов биограф. Аферата излезе на виделина откако Бродвел на Џил Кели, сопруга на еден лекар во Тампа, во сојузната држава Флорида, и‘ испратила анонимно имејл порака во која ја обвинила дека е сексуално заинтересирана за Петреус. Кели, инаку познаничка на семејството Петреус, по оваа заканувачка порака ја вклучила сојузната полиција ФБИ.

Истрагата потоа наиде на голем број имејл пораки меѓу Кели и Ален. Се зборуваше за 20 до 30 илјади страници, меѓу нив и тајни документи. Поради сомневања дека Ален се однесувал можеби „несоодветно“, американската влада го стави под мраз неговото унапредување за главен командант на НАТО во Европа. Ален и Петреус тврдат дека немале вонбрачни афери.