1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германист, славист, лобист...

Силвера Падори-Кленке27 јануари 2013

Наташа Стојковска, славист, германист и предавач на Универзитетот Хумболт во Берлин, работи и на меѓу културната комуникација меѓу Македонија и Германија и е своевиден хоби-лобист за својата татковина

https://p.dw.com/p/17RUs
Фотографија: DW/S.Padori-Klenke

Наташа Стојковска е една од се’ поголемиот број млади Македонци кои по студирањето во Германија, тука го чекорат и својот професионален пат. Со научната титула магистер, стекната во 2010 година, Наташа во моментов како предавач го води семинарот „Славистите во политиката“ на Институтот за славистика на Универзитетот Хумболт во Берлин. Вели, станува збор за заеднички проект кој првично го започнала нејзината колешка Розвита Керстен Пејаниќ, која е моментно на породилно отсуство. Така да се каже до вчерашната студентка сега е предавач и како голем број млади луѓе од Македонија, кои живеат и работат во странство, е вистински лобист на својата татковина. Оваа патем лоби работа се наметна сама по себе, зашто гости на семинарот се политичари кои се слависти или имаат контакт со јужнословенските земји од регионот. А, Наташа како домаќин, мора да се претстави и да каже дека e Македонка, по што нормално следуваат и прашања: како е сега во земјата, како таа се нашла во Берлин и откаде интересот токму за славистиката?

Запознавање со македонскиот менталитет

„По завршувањето на гимназијата во Берлин каде привремено живееше моето семејство, се запишав на катедрата за јужно словенски јазици и германистика на Универзитетот Хумболт. Родителите се вратија во Македонија, а јас останав да ги завршам студиите. И не ни помислував дека тука ќе останам и дека токму онаму каде што студирав еден ден и јас ќе работам“, вели скромно Наташа Стојковска.

Студентските денови, а и оние потоа за неа биле полни со предизвици. Се сеќава дека пред пет-шест години имало големо интересирање на германските бизнисмени за Македонија. Полека почнала да ги придружува менаџерите на германските фирми кои имале интерес да ги запознаат можностите за инвестирање во Македонија. Притоа едно од главните прашања кои се поставувале било: како да се однесуваат со македонските паретнери? Така, користејќи ги сознанијата од сферата на современата наука за комуникации и владеењето на двата јазика, Наташа почнала да држи интер-културни тренинзи, така што интер-културната комуникација станала и главна тема во нејзината магистерска работа. За што всушност станува збор?

„Моја задача како тренер е да ги запознаaм германските менаџери со бизнис културата во Македонија. Да ги подготвам на што треба да обрнат внимание, како треба да комуницираат со партнерите, каков е македонскиот менталитет. И тоа од она - дали на првата средба може да се смеат или треба да бидат сериозни, преку начинот на давањето визит картички, до потребата од воведен „смол ток“. Разлики во комуникацијата кај Македонците и Германците нормално дека има. Можеби не онолкави како, на пример, меѓу Германците и Азијатите, но различната култура си го прави своето. Така во Македонија ги нема оние типични мали разговори во кои Германците се прилично умешни, туку нашите луѓе веднаш се отвараат, па кој е бизнис партнер, истовремено е и пријател. А, кај Германците се знае - работа си е работа и нема мешање на деловното со приватното“, објаснува Наташа Стојковска.

Hauptgebäude der Humboldt Universität in Berlin
На Хумболт Универзитетот се учат јужнословенските јазици!Фотографија: picture-alliance/dpa

Втора работа која е различпна е поимот за времето и точноста. Ако на пример во Германија доцнењето на возот од две минути се соопштува со извинување, во Македонија и половина час доцнење на некаква сердба не е катастрофа.

„Обидувајќи се и на двете страни да им укажам за навиките на партнерите имав ситуации во кои Германците поради сознанијата за македонското донцнење биле релаксирани и си дозволиле да не бидат точни, а Македонците поучени од германската прецизност стигнувале навреме и потоа тие биле оние кои ги чекале точните Германци“, го кажува Наташа своето искуство.

Дипломати - ученици

И педагошката работа на Наташа не и’ е новина. Таа била учиелка по македонски уште пред да магистрира и тоа на повеќемина германски дипломати кои се подготвувале за служба во Скопје, но и на експерти од различни фондации.

„Македонскиот јазик во принцип и за Германците е тежок, зашто пред се’ мора да се научи кириличното писмо. Но, мои ученици беа луѓе кои одлично владееле не еден, туку два, и повеќе светски јазици, така што да совладаат уште еден не им беше тешко. Проблем беше единствено времето. Обично во многу краток рок требаше да се подготват, но главно сите беа солидни ученици“, подвлекува со насмевка Наташа, со која македонскиот јазик го учела и поранешната германска амбасадорка во Скопје Улрике Кноц.

Работата со студентите и политичарите, како што вели Наташа, сега целосно ја исполнува. Иако нема време за патувања и тренинзи од типот на интер-културната комуникација, тие и натаму остануваат актуелни за некои подруги времиња. Во моментов Наташа силите ги вложува во организирање на секојдневието кое за жал, без помош од баби и дедовци, е вистинско „жонглирање“ меѓу Институтот за славистика, домот, детската градинка, грижата за ќеркичката - екстратемпераментна „лавица“ и повременото хоби - лобирање!