1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија воведува испит за чување куче

Флоријан Нуш/ Жана Ацеска26 април 2012

Партијата на зелените во Берлин иницира промена на прописите-укинување на листата на опасни видови кучиња, а воведување посебен испит за сопствениците.

https://p.dw.com/p/14jVT
Фотографија: DW

Кучињата ги сметаат за најдобри пријатели на човекот. Но, понекогаш се смртна опасност. Кучињата напаѓаат пред се‘ деца, а често со сериозни последици.

Бројот опасни кучешки гризнувања во Берлин лани прилично порасна. Притоа, не се работи само за борбени кучиња, кои досега важеа за посебно опасни и смееја да се чуваат само под одредени услови. Партијата на зелените во Берлин иницира промена на прописите-укинување на листата на опасни видови кучиња, а воведување посебен испит за сопствениците.

„Суштината е простување од оваа листа раси. Зашто, во вкупниот број напади од кучиња, тие учествуваат со само пет проценти. Значи, забраната за чување одредени раси не вроди плод. Луѓето треба да бидат обврзани да научат како да го контролираат своето куче“, вели пратеникот Клаудија Хемерлинг.

Досега постоеше испит само за сопствениците на борбени раси кучиња, кој варира во различни покраини.

„Во Берлин на листата како опасни имаше десет раси, во Бранденбург дваесет. Во Франција пак, каде исто постојат листи, германскиот ротвајлер исто е на нив, а не француската дога, како овде“, истакнува Хемерлинг.

Galerie Frühling 2012 Dalmatiner
Фотографија: Maja Dumat/flickr-CC-BY 2.0

Сопствениците поопасни од кучињата

Астрид Луц е дресер на кучиња. Таа е убедена: потенцијално помалку опасни се кучињата, а повеќе сопствениците, кои често прават грешки поради непознавање на своите миленици. Луц нуди курсеви на кои сопствениците учат да ги контролираат кучињата. Но дресерката не гледа неопходност од воведување дозвола за чување куче за соспствениците

„Во прв план очигледно е финансискиот фактор. Зашто, единствени кои ќе заработуваат се лицата кои ќе ги изведуваат тестирањата“, вели Луц.

Поделени мислења на граѓаните

Сопствениците на кучиња се со поделени мислења околу воведувањето дозволи:

„Во основа, идејата е добра, луѓето кои сакаат да имаат куче, претходно да научат нешто за него, да се информираат повеќе за начинот на неговото однесување“, смета еден Берлинчанец.

За мене тоа е сосем непотребно, зашто ги оптоварува луѓето кои знаат да се однесуваат со кучето“, со спротивно мислење е негова сограѓанка.

„Прекрасна идеја, која служи на целта. Зашто, има неверојатно многу луѓе кои не знаат да се однесуваат со своето куче, создаваат тензии“, смета постара жена.

„Ова се глупости. Секој знае како реагира неговото куче и се прилагодува на својот љубимец. Ако знам дека ќе има проблеми, ќе го врзам и ќе му ставам корпа на устата“, категоричен е друг граѓанин.

Französischer Bulldogge
Фотографија: Fotolia/CALLALLOO Canis

Кучињата се социјални суштества

Не е точно, вели Ларс Тиман. Кучињата по природа се социјални суштества, проблемите често се на другата страна на јажето. Тиман дресира кучиња за филм и телевизија, освен тоа нуди и дневен сервис за прошетки.

Дресерот смета дека политиката треба да реагира на зголемениот број гризнувања. Но, и тој одбива задолжителна дозвола. Наместо неа, Тиман се залага за пропагирање доброволен испит.

„Оној кој ќе го положи испитот, смее кучето да го пушта слободно да трча во одредени области. Оној кој не сака, пак, кој обврската за испит ја чувствува како некој вид принуда, мора своето куче да го држи на синџир, според мене, тоа е едно фер решение“.

Берлинските политичари не се откажуваат од иницијативата, иако деталите не се познати. Идејата во секој случај е прошетка со куче на јавни места само за сопственици кои се во состојба да им гарантираат безбедност на другите граѓани.