1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија во полуфиналето, Шпанците се плашат од Франција

О. Фриц/ Ш. Нестлер/Е.М. Фиданоска23 јуни 2012

Германија е вториот полуфиналист на Европското фудбалско првенство - тимот на Лев ја победи Грција суверено и заслужено! Денеска играат Шпанија и Франција и притоа фаворит не се Шпанците.

https://p.dw.com/p/15KEA
Фотографија: dapd

Целта - полуфинале е исполнета! Со трпение и тактичка промена на составот германските единаесетмина успеаја да се пласираат меѓу четирите најдобри екипи на УЕФА ЕУРО 2012. Најмладиот тим на првенството сосема заслужено ја победи Грција со 4:2. Капитенот Филип Лам оценува: „Непотребно си ги искомпликувавме работите. Во првите 15 минути имавме огромни шанси да поведеме против многу дефанзивно поставената грчка екипа. Можеме да бидеме среќни што постигнавме четири гола и што сме во полуфинале.“

Играта на почетокот беше тешка. Грците одвај дека се движеа, градеа густ дефанзивен блок и чекаа шанси за контранапади. Но токму со тоа и сметаше германскиот селектор и својата стандардна единаесетка ја „преструктуира“ на неколку позиции - наместо Подолски и Милер, играа Андре Ширле и Марко Ројс во средината на теренот.

UEFA EURO 2012 Viertelfinale Deutschland Griechenland
Грците одат домаФотографија: dapd

Во полуфиналето, на 28 јуни, Германија во Варшава ќе игра со победникот од натпреварот меѓу Англија и Италија. Вака или онака, залакот ќе биде тежок, признава селекторот Јоахим Лев:

„Англичаните на ова првенство играат исто така добро, неверојатно многу структуирано под палката на Рој Хоџсон, многу дисциплинирани, многу повеќе од 2010 година. А Италија секогаш е некако незгоден противник.“

Шпанија никогаш не ја победила Франција на големи турнири

Вечерва (23.06), за место во полуфиналето се борат Шпанија и Франција. И не Шпанците, туку Французите во овој дуел се фаворити, барем ако се верува на досегашните статистики - Шпанија на големите првенства досега ниту еднаш не ја победила Франција.

Euro 2012 Liveticker Viertelfinale 24.06. Spanien - Frankreich Teaser
Фотографија: DW

„Се надевам дека баксузот е надминат“, вели Висенте дел Боске. Тренерот на светските прваци се лути поради критиката што во Шпанија се упатува на сметка на играта на репрезентацијата во досегашниот тек на првенството. „Ние сме единствената екипа која не се прегрнува иако е во четвртфиналето“, вели тој. Играта со Хрватите покажа дека Шпанците не се неранливи, но тимот сепак е самоуверен. „Заслуживме да бидеме фаворити“, оценува Андрес Иниеста.