1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија во тешка група на ЕП-фудбал 2004

1 декември 2003
https://p.dw.com/p/AeoU

Извлекувањето на групите за наредното фудбалско првенство, што ќе се одржи во Португалија од 12-ти јуни до 4-ти јули наредната година, не ги израдува многу Германците. Среќата, претходно толку често на нивна страна, овој пат во извлекувањето како да не им беше многу наклонета: во групата Д противници на Германија ќе и' бидат традиционалниот ривал Холандија, потоа Чешка, една од најубедливите селекции во квалификациите, и големото изненадување Летонија, секако аутсајдер во ваков состав. "Многу, многу тешка група, но и покрај тоа убеден сум дека ќе можеме да успееме. Се разбира, за тоа мора да го подигнеме квалитетот на играта во споредба со последните настапи, пред се' со натпреварот против Франција. Но, и покрај тоа, оптимист сум дека имаме шанси", оцени германскиот селектор Руди Фелер. Со него во голема мера се согласува и капитенот Оливер Кан: "Се разбира, ова е многу, многу силна група. За Холанѓаните, мислам, не треба многу да зборуваме. Но, Чесите беа први во квалификационата група, а Холанѓаните мораа да играат плеј-оф. Тоа покажува колку е силна Чешка. Мислам дека нема причина да ја потценуваме и Летонија. На Европско првенство и не треба никогаш да се дискутира за групите, зашто сите екипи се на највисоко ниво. За нас е многу добро што во првиот дуел играме против Холандија, па веднаш ќе знаеме на што сме", анализираше по извлекувањето капитенот на репрезентацијата Оливер Кан. Против Холандија, Германија има урамнотежен биланс: 13 победи, 12 нерешени и 10 порази. Се памти средбата од полуфиналето на Европското првенство 1988-ма: успехот на Холанѓаните потоа им овозможи да ја освојат и титулата европски првак. Посебно во сеќавањата останува финалето од светското првенство '74-та во Минхен, кога Германија победи со 2 спрема1. Средбите секогаш носеа голема борба а резултатите беа тесни.

Германија играше на два пати против Чешка во финале на европско првенство: во '96-та победи со 2 спрема 1 и ја освои титулата благодарение на "златниот гол" на Оливер Бирхоф постигнат дури во продолжението. Тоа беше своевиден реванш за поразот во финалето на првенството во 1976-та година кога Чесите ја освоија титулата со подобро изведување пенали. Поволниот вкупен биланс за Германија во дуелите со Чешка од 13 победи, 3 нерешени и 4 порази не треба да залаже - во моментов односот на силите е поинаков.

Летонија е големото изненадување од квалификациите за ова европско првенство, па во Португалија може да игра сосем растоварена - оттука произлегува и опасноста на некој од фаворитите да им ги расипе сметките за очекувана сигурна победа во дуелите со селекцијата на таа балтичка земја. Германија има само два пати играно против Летонија и тоа во триесеттите години на минатиот век и победи во обете средби. Инаку, во А-групата ќе следи соседска пресметка Португалија-Шпанија, тука се уште и Грците и Русите, но повеќе во втор план. Во Б-групата јасни фаворити се Франција, бранител на титулата од претходното европско првенство, и Англија - иако Англичаните веќе три ипол децении чекаат на некоја голема титула во фудбалот."Мислам дека Франција можеби е голем фаворит за да ја освои титулата. Тука сме и ние и се надевам дека сме подготвени. Ако се погледнат другите групи, сметам дека Д-групата со Чешка, Германија и Холандија, барем на хартија, е најсилна", оцени селекторот на Англија, Швеѓанецот Свен-Јеран Ериксон. Во Ц-групата Италија е апсолутен фаворит, а Шведска, Бугарија и Данска имаат подеднакви шанси во борбата за второто место, што исто така води во завршницата на Европското првенство. Веќе в петок нов гала-спортски настан: во Франкфурт ќе бидат извелечени квалификационите групи за Светското првенство во фудбал, што ќе се одржи во Германија во 2006-та година. Како што соопштија организаторите, на извлекувањето ќе учествуваат и шесткратниот светски првак во автомобилизам формула 1 Михаел Шумахер и поп-sвездата Стинг. Меѓу 3500 гости ќе биде присутен и славниот бразилски ас Пеле, како и претседателот на Светската фудбалска асоцијација Јозеф Блатер. Извлекувањето ќе биде пренесувано во преку 100 земји од светот и се проценува дека ќе го гледаат неколку стотици милиони луѓе.