1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија ги награди најдобрите

5 март 2010

Вчера по десетти пат беа доделени германските музички награди „Ехо“. Ѕвезди на вечерта беа американската R&B ѕвезда Ријана и британскиот пејач Роби Вилијамс, додека најголемиот број награди ги собра Лејди Гага.

https://p.dw.com/p/MKmu
Најдобар пејач на меѓународно ниво - Роби ВилијамсФотографија: AP

Посетителите на Берлинскиот саем, каде се одржа доделувањето на наградите, прво беа поздравени од водителите Сабине Хајнрих и Матијас Опденхефел, по што почна прогласувањето на победниците, зачинето со многу настапи во живо.

Победник на вечерта беше американсакта пејачка Лејди Гага, која освои дури три „Ехо“ награди и тоа за најдобра пејачка на меѓународно ниво, за најдобар меѓународен дебитант и за хит на годината во Германија за синглот „Poker Face“. За жал, Лејди Гага вчера не беше во Берлин, бидејќи моментно е на светска турнеја.

Возбуда кај германските изведувачи

Jan Delay bei Echo Verleihung 2010
Конечно си заминува со „Ехо“ - Јан Дилеј при вчерашниот настап во БерлинФотографија: AP

Што се однесува до германските изведувачи, најголема причина за славење имаше раперот Јан Дилеј. Иако неколку години наназад добиваше по неколку номинации за најважната германска музичка награда, се` до вчера секогаш си заминуваше со празни раце. Но, затоа оваа година освои дури два трофеја, и тоа за најдобар хип-хоп изведувач, како и наградата од музичките критичари за албумот „Wir Kinder vom Bahnhofsoul“. „Неверојатно! Треба наскоро да настапам, не знам како ќе свирам, боже, многу сум возбуден“, рече Дилеј при примањето на една од наградите.

И германскиот состав Зилбермонд си замина со два трофеја, за најдобар германски поп-рок бенд и за најдобра изведба во живо. „Сите ни велеа дека работата на третиот албум ќе биде ужасно тешка, но ние велевме, работата и на првиот и на вториот беше исто така тешка. Но, на крајот навистина излезе така, имавме неколку фази кога мислевме дека никогаш нема да го довршиме албумот, но сепак имавме успешна година и албумот е готов“, истакна пејачката на Зилбермонд, Штефани Клос.

„Ich bin ein Berliner"

Echo 2010 Rihanna
Настапот на Ријана - еден од најочекуванитеФотографија: AP

Роби Вилијамс, пак, ја освои седмата „Ехо“ награда во својата кариера, но не покажа знаци дека му е доволно. Тој ја доби наградата за најдобар пејач на меѓународно ниво и го изведе својот нов сингл, „Morning Sun“. На германската публика и` се заблагодари на нему својствен начин: „Многу сум среќен, благодарам Германија“, рече Роби, при што на германски го кажа познатото „Ich bin ein Berliner".

Најголемиот фаворит на вечерта беше уште еден германски рапер, Петер Фокс, кој иако имаше вкупно пет номинации, на крајот освои само една, за албум на годината.

Околу 3.500 гости се собраа вчера во салите на Берлинскиот саем, каде се одржуваше доделувањето на едни од најзначајните музички награди во Европа. Хајлајт на вечерта беше настапот на американската R&B ѕвезда Ријана, а атмосферата ја вжештија и новата музичка надеж Кеша, како и Бет Дито со својот бенд Госип. Наградите „Ехо“ оваа година беа доделени по десетти пат.

Автор: ТТ/ЖА/дпа

Редактор: Александра Трајковска