1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија ги поддржува ЕУ-перспективите на Западниот Балкан

Среќко Матиќ/Б. Георгиевски22 февруари 2013

Шефот на германската дипломатија Гидо Вестервеле денеска е во посета на Албанија и Македонија. Освен поддршката за европската перспектива на Албанија, Вестервеле ги критикуваше и националистичките тонови во Тирана.

https://p.dw.com/p/17k50
Фотографија: DW/A. Muka

Западниот Балкан се враќа во фокусот на германската надворешна политика. Регионот се наоѓа пред решавачки период и тоа беше јасно наведено за време на првата посета на шефот на германската дипломатија Гидо Вестервеле на Тирана. До јуни треба да се донесат важни одлуки за напредокот на Албанија, но и на другите соседни држави кон ЕУ. Тирана очекува кандидатски статус и Берлин ги поддржува овие амбиции.

„Германија ги поддржува европските перспективи на државите од Западниот Балкан. Албанските напори на патот кон ЕУ ги поддржуваме исто како и на другите земји во соседството“, изјави Вестервеле по средбата со албанскиот колега Едмонд Панарити во Тирана.

„Не може да има отстапки, но нема да има ни вештачки пречки“, дополни тој. Критериумите како демократија, владеење на правото и независност на судството во Албанија мора да бидат исполнети. Вестервеле притоа потенцираше дека конфликтите мора да се решаваат во духот на соработката и да се обезбеди мирен соживот на различните етнички групи.

Европските амбиции на Албанија во последниот период се засенети од националистичка реторика. Во ноември минатата година, кусо пред 100 годишнината од одбележувањето на независноста на Албанија, премиерот Сали Бериша одржа провокативен говор во кој говореше за обединување на сите Албанци во една држава. Неговите зборови беа примени со загриженост во Брисел, а американскиот Стејт департмент веќе му испрати и директно предупредување. На таа тема се осврна и Вестервеле кој на Бериша му порача дека играњето на националистичката карта е неприфатливо.

Guido Westerwelle in Albanien
Гидо Вестервеле и Сали БеришаФотографија: picture-alliance/dpa

„Заедничката цел мора да биде државите од регионот еден ден да станат дел од ЕУ. Оттука за нас, менувањето на границите не доаѓа во предвид, ниту тука на Балканот. Границите го губат значењето во Европа“, порача Вестервеле.

По средбите во Тирана, каде ќе разговара и со шефот на државата Бујар Нишани, како и со лидерот на опозицијата Еди Рама, Вестервеле продолжува за Скопје на средби со македонскиот државен врв и со опозицијата. Вестервеле во Скопје нема да се сретне со македонскиот премиер Никола Груевски.