1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија-единствен профитер од еврокризата?

Дирк Кауфман/ Жана Ацеска8 март 2013

Во Германија еврокризата не се чувствува многу. Некои дури Германците ги сметаат за добитници во кризата, кои профитираат на сметка на другите. Дали има вистина во оваа теза?

https://p.dw.com/p/17tfk
Фотографија: Fotolia/Unclesam

Додека во земјите во јужниот дел од еврозоната кризата е „одомаќена“, во Германија е сосем поинаку: поранешниот светски извозен првак и натаму бележи позитивен трговски биланс, германските производи се барани во цел свет. Економскиот развој исто така е во границите на позитивата и стабилен, пазарот на работна сила е робустен. Министерот за финансии се радува на високите приходи од данок, а конечно на повидок е и избалансиран буџет.

За едни мака, за други радост?

Тоа не е ни чудо, се слуша се‘ почесто. На пример, слабото евро го поевтинува германскиот извоз, а намалениот бонитет на многу европски држави предизвика раст на побарувачката по германски обврзници. Тоа лани водеше до можноста од продавање германски државни обврзници дури и со негативна камата. Инвеститорите дури плаќаа за да можат да и‘ позајмат пари на Германија.

Најдоброто, според поборниците на теорија за Германија како профитер од кризата, доаѓа допрва: ако кризата биде надмината, а кандидатите за банкрот од југот се опорават, ќе можат да ги враќаат кредитите кои им ги даде Брисел. Германија, како најголем уплаќач во Европската централна банка, и фондовите ЕФСФ и ЕСМ, може да се радува секоја година на дополнителни приходи во милијардски износи.

Министерот за финансии може да се радува

Дали Германија поради тоа може да се смета за добитник во кризата:

„Делумно да, делумно не“, вели Хајке Џебгас, економски експерт на Факултетот за техника и економија во Берлин. Точно е дека Германија „во споредба со другите држави важи за сигурно пристаниште и затоа радо се купуваат германски обврзници, што предизвика ниски камати.“ Од овој аспект берлинскиот министер за финансии профитира од еврокризата. Џебгес во разговорот за Дојче веле пресметува дека Германија  „плаќа само една третина од она што мораше да го плаќа пред кризата“.

Symbolbild Euro-Rettungsschirm
Фотографија: picture-alliance/dpa

Професорот по економија од Тибинген, Јоахим Старбати има сосоем поинакво гледиште: за него трката по германски државни обврзници е последица на бегството на капиталот од кризните држави. Наводната економска предност, која Германија ја има преку овој одлив на капиталот, брзо ќе исчезне. Зашто, при селењето на капиталот, истакнува Старбати за Дојче веле, „ние мораме парите да ги вратиме на поинаков начин и форма, на пример во облик на чадори за спас на еврото“.

Старбати прашањето за профитирање на Германија од еврокризата го смета за „погрешна перспектива“. Тој на проблемот гледа потемелно: „Јужните држави во Европа живееле над своите можности, што сега им се враќа. Банките се презадолжени, фирмите се презадолжени. Луѓето трошеле премногу пари, државите се расфрлале со пари, сега мора тоа да го платат“.

Ќе биде подобро, зашто мора да биде подобро

Берлинскиот економист Џебгес укажува-најголемата добивка на Германија би било надминувањето на кризата:

„Кога земјите ќе ја отплатат финансиската помош, на крајот ќе оствариме голема добивка.“

Еврокритичарот  Старбати пак е скептичен: „Тоа е како да се чека на ’свети никогаш’“. Тој не очекува европските држави - кандидати за банкрот да се опорават во догледно време.

Хајке Џебгес не е толкав песимист. Кризата ќе биде надмината, зашто мора да биде надмината, барем од германски агол:

„Најголемите критичари пред пред очи треба да го имаат големиот интерес на Германија за справување со кризата“. А ако на загрозените земји им успее да се стабилизираат, „на повидок ќе биде рела редица дополнителни приходи“.

Symbol Euro oder Drachme Parlamentswahl Krise Griechenland
Фотографија: AP

Клетва и благослов

Хајке Џебгес наведува и една друга натамошна причина зошто кризата добро и‘ доаѓа на Германија: слабоста преку загрозените земји од ЕУ доведе до релативно слабеење и на заедничката валута. Еврото во минатите месеци загуби на вредност и во однос на доларот. Тоа, според Џебгес, навртува вода на воденицата на Германија. Ако еврото е силно, ќе го поскапи извозот и тешко ќе ја оптовари извозно ориентираната германска економија.

А без еврото, вели експртот од Берлин, Германците би страдале уште повеќе од кризата во Европа, зашто ако „Германија се‘уште ја имаше марката, таа ќе беше силно ревалвирана и извозот ќе беше уште поотежнат“.

За Јоахим Старбати тоа не е доволен аргумент. За него пресудна е стабилноста на валутата. Германската марка своевремено често доживуваше ревалвација, а тоа и‘ годеше на економијата. За Старбати кардинална грешка при раѓањето на еврото е постоењето две групи земји во монетарната унија: едните клонат кон ревалвација, другите кон девалвација. Се‘ додека во еврозоната се задржуваат оние кои клонат кон девалвација, нема да има успех за нив. Затоа, не може да се каже дека Германија профитира од еврокризата. А посебно не германските работници. Германија де факто десет години вршеше девалвација, преку прекумерното ниски плати. Заработувачките „не пораснаа, туку делумно реално опаднаа. А платите во фирмите нотирани на берзата ДАКС, тие од 2000 година наваму пораснаа за 170 проценти. Овде дојде до ревалвација, а не кај народот“, смета Старбати.