1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија: Елдорадо за перење пари?

Дирк Кауфман/Б. Георгиевски8 ноември 2013

Оној што заработува многу пари, но сака да плаќа мал данок, се крие во даночните оази. Како на пример Германија каде властите имаат големо разбирање за луѓе кои се многу креативни во прикривањето данок

https://p.dw.com/p/1ADzN
Фотографија: Fotolia/Zbyszek Nowak

Германија е во светскиот врв. Германците со задоволство слушаат вакви информации, не само кога е во прашање фудбалот, кога продаваат автомобили или машини. Но објавената анализа на Даночната праведна мрежа (Tax Justice Network- ТЈН) за светските даночни раеви ја става Германија исто така при врвот: на осмото место, пред оази како британскиот остров Џерзи или Панама. Неспорен лидер е Швајцарија.

Даночната праведна мрежа е меѓународна невладина организација, која ги следи светските текови во оданочувањето и известува за неправилностите. Во 2012, на пример, беше пресметано дека во светски рамки годишно се прикрива данок во вредност од 280 милијарди евра.

Леснотија на прикривање на добивките

Во годинешната ранг-листа на најуспешните даночни оази, невладината организација пресметала во која земја е најлесно да се сокрие потеклото на парите. Оваа инфраструктура на даночните измами од ТЈН ја пресметале во содејство со значењето на една земја во меѓународното перење пари. Високата позиција на земји како Германија, САД и Јапонија се должи на нивното значење за светската економија.

Porträt - Markus Meinzer
Маркус МајнцерФотографија: privat

Маркус Мајнцер од секретаријатот на ТЈН е еден од коавторите на студијата. Тој смета дека за високата позиција на ранг-листата, Германија треба да и „заблагодари“ на леснотијата со која можат да се прикријат добивките. Така на пример, годишните пресметки на компаниите не секогаш мораат јавно да се обелоденат во нивните годишни извештаи. Постои посебна клаузула, која го овозможува тоа.

Тоа доведува до тоа, да не се знае точно што работат тие фирми во Германија, колкав приход имаат, и колкав данок плаќаат“, вели Мајнцер. Во други земји тоа не е случај, бидејќи таму властите сакаат да видат јасна слика за работата на една компанија.

Тоа не само што овозможува прикривање на добивките и заработката, туку и криење на потеклото на парите. „Компаниите не мораат да објаснуваат кој е вистинскиот сопственик во позадината. Од тоа профитира организираниот криминал“. Експертите проценуваат дека во Германија годишно „се перат“ меѓу 29 и 57 милијарди евра „црни пари“. Од тоа профитираат мафијашки организации, корумпирани политичари и диктатори.

Но дали Германија е навистина даночна оаза? Рај за криминалци, измамници и мафија? Томас Ајгенталер од Германската даночна унија тоа не би го формулирал на тој начин. „Не може да се зборува за вистинска оаза. Ние имаме, така да речам, индиректни празнини, кои можат да се злоупотребат“.

Политичка хипокризија

Овие празнини се појавуваат, меѓудругото, и поради недостатокот на персонал во државните финансиски и даночни служби. Ако се земе предвид дека само германските банки успеале да ја излажат државата при оданочувањето на капиталните добивки за повеќе од десет милијарди евра, јасна е неефикасноста на даночниот систем. Или примерот на функционерот на Бајерн Минхен Ули Хенес кој успеал да сокрие повеќе милиони евра добивка, станува јасно дека тоа е само врвот на проблемот. Финансиските инспекции со повеќе персонал веројатно би откриле повеќе вакви случаи.

Symbolbild Kanton Zug Steuerparadies
Швајцарија е на првото место на светските даночни раевиФотографија: fotolia/DPA

Поранешниот министер за финансии Пер Штајнбрик ги разлути Швајцарците со барањето да добие увид во нивните банкарски тајни. Таму, според министерот, беше леглото на германската даночна евазија. Според извештајот на ТЈН, Швајцарија е даночен рај број 1. во светот, но ниту Германија не е многу подобра.

За Маркус Мајнцер, гестовите како оној на Штајнбрик се хипокризија. Од една страна, политичарите бараат пристап до информациите на даночните оази, но од друга, ги блокираат реформите кои ќе овозможат подобра контрола на работењето. И Томас Ајгенталер ги смета реакциите на некои политичари за дволични. Токму законодавството го овозможува прикривањето данок. Со различните даночни закони во Европа, на компаниите и на големите заработувачи им се овозможува да го избегнуваат плаќањето на данок. Особено големите меѓународни компании имаат безброј можности за тоа.