1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија е магнет за доселување

ЕМФ/ард/афп7 мај 2013

Германија, среде економска криза во Европа, се покажува толку атрактивна за доселување како што не била во последните 20 години.

https://p.dw.com/p/18TUf
Фотографија: picture-alliance/dpa

Сојузниот завод за статистика во Визбаден соопшти дека во 2012 година во Германија се доселиле 369.000 луѓе повеќе отколку што се отселиле. Тоа е највисока стапка од 1995 година до денес. Со тоа стапката на доселување во Германија минатата година пораснала за 32%.

Главно доселувањето е зголемено од држави кои се членки на ЕУ, и тоа посебно од оние кои се најмногу погодени од должничката криза. Од Шпанија, на пример, минатата година се доселиле 9.000 луѓе повеќе отколку во 2011 година, или 45 проценти повеќе. Од Грција минатата година во Германија дошле да живеат 10.000 луѓе повеќе, а од Португалија 4.000 доселеници повеќе во споредба со 2011 година, односно стапката на доселување бележи пораст од 43 проценти. Четириесет проценти повеќе доселеници дошле од Италија, или 12.000 луѓе.

Доселувањето во Германија на луѓе од останатите европски држави, кои не се членки на ЕУ, е зголемено за 14%. Иста стапка на пораст бележи и доселувањето од Африка, а од Азија во 2012 година во Германија дошле 10% повеќе граѓани. Доселувањето од Америка е речиси непроменето.

Германија првпат во 2010 година забележа повторно повеќе доселување отколку отселување. Во 2012 година вкупно во Германија се доселиле 1 милион и 81 илјада луѓе, а се отселиле 712.000 лица.