1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

310510 Köhler Berlin

1 јуни 2010

Партиите на владеачката коалиција и на опозицијата реагираа со жалење на оставката на германскиот претседател Хорст Келер. Ова е првпат избран претседател на Германија да се повлече од функцијата пред истек на мандатот.

https://p.dw.com/p/NeOk
Хорст Келер се повлече од функцијата вчера, 31.05.2010Фотографија: AP

Канцеларката Ангела Меркел беше видно изненадена од одлуката на претседателот на државата да се повлече од функцијата. Таа нагласи дека за неговата намера дознала само два часа пред објавувањето на одлуката и попусто се обидувала да го увери да ја повлече оставката:

„Мислам дека луѓето во Германија ќе бидат многу тажни поради оставката, бидејќи Хорст Келер беше претседател близок до обичните луѓе. Јас со него секогаш одлично соработував и тој за мене беше важен советник, особено во екот на економската и финансиската криза затоа што има толку богато меѓународно искуство. Неговиот совет секако ќе ми недостасува во иднина!“

И вице-канцеларот и шеф на германската дипломатија Гидо Вестервеле изјави дека попусто се обидувал да го увери Келер да не поднесува оставка:

Bundeskanzlerin Angela Merkel Rücktritt Horst Köhler
Ангела Меркел: Ќе ми недостига неговиот советФотографија: AP

„Жалам поради неговата одлука од се’ срце, но мораме да ја прифатиме. Му се заблагодарувам на Претседателот за ангажманот за нашите граѓани во изминатите години.“

Крајот на Келер, крај на ЦДУ и ФДП?

За разлика од ваквата дипломатска изјава на „првиот дипломат“ во земјата, неговиот сопартиец и пратеник во парламентот, Јирген Копелин ги обвини партиите на опозицијата дека извршиле притисок врз Хорст Келер преку критиката што била под ниво. Така една од водечките фигури на Партијата на Зелените, Јирген Тритин го спореди Келер со еден од поранешните претседатели на Германија Хајнрих Либке, кој беше познат по неговите несреќни изјави. За претседателот на Залените, Џем Ездемир, оставката на Хорст Келер е сигнал дека актуелната владеачка коалиција во земјата ја нема повеќе поддршката од населението:

„Изборот на претседателот се сметаше за предвесник на црно- жолтото мнозинство на сојузно ниво. Крајот на претседателот Хорст Келер, од друга страна, е сега предвесник на крајот на владеењето на црно-жолтата коалиција меѓу ЦДУ и Либералите.“

Politik SPD - Sigmar Gabriel
Зигмар Габриел: Не многу среќна изјава на Келер, но сепак недоволна за оставкаФотографија: picture alliance / dpa

Грабриел: Несреќната изјава не е доволна причина за оставка

Претседателот на опозиционата Социјалдемократска партија Зигмар Габриел изјави дека имал почит за Келер како претседател на земјата и како личност. Изјавата дека ангажманот на армијата во странство и надворешната политика на Германија треба да им служат на германските стопански интереси не била многу среќна, оцени Габриел, но тој не би ја сметал за доволна причина за оставка. Оставката на претседателот на државата може да се толкува само како резултат на недоволната поддршка за Хорст Келер од партиите на власт, нагласи Габриел.

Мачката излезе од вреќа

Партијата на левицата, пак, оцени дека Келер само ја изговорил вистината, која сите ја премолчувале:

„Тој ја пушти мачката од вреќата и зборуваше за причините зошто навистина се водат војни. Тој впрочем го кажа само она што стои запишано и во коалициониот договор на ЦДУ и на Либералната партија, имено дека надворешната политика треба да им служи на германските економски интереси“, нагласи пратеничката на Левицата, Гезине Леч. Таа уште порача дека се надева оти оставката на Хорст Келер ќе предизвика потемелна дебата околу целите што треба да ги следи германската надворешна политика.

Автор: Бернд Греслер / Горан Чутаноски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска