1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија и натаму европска економска локомотива

ЖА/БГ/дпа/афп25 април 2012

Германската влада во најновата конјуктурна прогноза предупредува од преголем оптимизам поради незавршената еврпска должничка -криза, иако германското стопанство е во одлична кондиција.

https://p.dw.com/p/14khj
Фотографија: picture-alliance/dpa

Германската влада смета на благ економски раст од 0,7 проценти во тековнава година. Ако се‘ тече добро, идната година е можен стопански раст од 1,6 проценти, изјави денеска германскиот министер за економија Филип Реслер во Берлин при претставувањето на пролетната конјуктурна прогноза.

„Во 2013-та година германското стопанство ќе има позасилен развој од годинава. На Германија и‘ оди добро“, истакна Реслер.

Владата останува повоздржана во прогнозата од водечките економи, кои минатата недела прогнозираа мини раст од 0,9 проценти за оваа и дури два насто за идната година, и ги потврдува своите претходни предвидувања.

Министерот за стопанство Филип Реслер поради несигурноста во евроземјите Франција, Холандија, Шпанија и Грција побара и консеквентно спроведување на фискалниот пакт за поголема финансиска и буџетска дисциплина.

„Позитивниот развој во Германија ја покажува исплатливоста на консолидирањето и храврите структурни реформи на пазарот на трудот“, потенцираше Реслер.

Според него, ова е важна порака до другите ЕУ-држави.

Реслер е задоволен од намалувањето на невработеноста и покрај економските проблеми, стапката годинава изнесува 6,7 проценти, а за в година е предвидено натамошно намалување на 6,5 насто.

Причина за радост имаат и работниците-примањата годинава се зголемуваат за три проценти.

Пролетната прогноза на владата служи како основа за сите јавни буџети на сојузната власт, покраините и општините.