1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија и финансиската криза

20 март 2008

Уште еднаш се потврдуваат стравувањата дека стопанството во САД се наоѓа непосредно пред рецесија. Експертите стравуваат дека влијанието на тамошната криза ќе се покаже во Германија и тоа во вториот дел од годинава.

https://p.dw.com/p/DR3Y
„Црниот понеделник„ на берзата во Франкфурт: само надолуФотографија: AP

„Се соочуваме со една од најголемите финансиски кризи во последниве децении“, убеден е германскиот министер за финансии, Пер Штајнбрик. Истовремено, тој смета дека германското стопанство има шанса низ кризата да мине подобро од американското. И шефот на ИФО институтот од Минхен, Ханс Вернер Син, смета дека бумот во светската економија привршува. Вината за тоа пред се е во тоа што економијата на САД скоро година ипол перманентно опаѓа, недвижностите се помалку вредни, а кај луѓето расте чувството дека осиромашуваат. Мораат да го стегнат ременот, помалку да трошат, што има негативни последици врз американската економија: „Резултатот е рецесија зашто во три квартали едно подруго растежот е негативен. Токму од тоа треба да се страхува во оваа година. Се разбира, тоа влијае натаму врз светското стопанство. САД имаат удел од 28 проценти во светскиот социјален производ, па затоа и натаму важи реченицата: ако Америка кива, светот има температура. Во тоа спаѓаме и ние во Германија„.

Сепак, за разлика од САД, во Германија нема да има криза на банкарскиот систем, смета Син. Во Германија големите приватни банки се малку инволвирано во кризата. Ќе биде умно ако не се ангажираат премногу во американскиот пазар на хипотеки. Сепак, некои германски државни банки се најдоа во проблеми зашто учествуваа во кредитни зделки. Меѓутоа, за стопанската криза во Германија во моментов не може да се зборува, вели Син:

„Во овој период ќе бидеме поштедени. Имено, феноменот се случува на финансиските пазари, но не и во реалната економија. Во тоа мора да се прави стриктна разлика„.

Но, она што не се случува сега, не значи и дека не може да се случи, предупредува Син: „Растежот на економијата започна пред пет години во Америка и полека се прошири. Мислам дека и со опаѓањето ќе биде слично„.

Не е време за намалување на каматите

Подеднакво како Син размислува и економистот во Комерцбанк, Јерг Кремер: се уште не е време Европската централна банка да ги намали каматите. Дури во оној момент кога во зоната на еврото ќе се зголеми загриженоста околу конјунктурата, банката ќе треба да го повлече тој потег: „Американското стопанство со една нога веќе е во рецесија. Рецесиите обично траат по десетина месеци. Тоа значи дека лоши податоци за конјунктурата ќе имаме во наредните недели и месеци„.

Од тие причини е добро, велат експертите, што Европската централна банка не ги потроши сите адути и дури тогаш ќе може да ги намали каматите.