1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија - како до повеќе деца?

Ф. Нуш/З. Јордановски19 мај 2013

Германија издвојува најмалку 40 милијарди евра годишно за детски додаток. Огромна сума која меѓутоа е помала во однос на финансиската поддршка за семејствата со деца во други западни земји.

https://p.dw.com/p/16fIj
Фотографија: picture-alliance/dpa

Куклата мора да спие, а двегодишната Ана уште е премногу активна за да оди в кревет, иако е веќе вечер. Семејството Бајмешe има пет деца.

Таткото Јоханес е правник во банка. Тој си доаѓа дома дури околу 18 часот. Мајката Вероника има слободна професија - држи часови по музика и може добро да ги усогласи обврските во семејството и работата.

„Кога ќе родев дете, прекинував со работа, а потоа започнував малку по малку да и’ се враќам на работата и тоа добро функционираше. Работите секогаш ги уредувам така - за да се вклопат и да можам да им посветам внимание и на децата, и себе си.“, вели Веронија Бајмеше.

Професијата пред децата?

Кога се во прашање германските семејства, многу потипичен пример се Штефан Менден и Алине Кремер. Штефан основа интернет-фирма, а Алине е самостоен консултант за претпријатија. Обајцата ја пречекорија триесеттата година. Неодамна се вселија во нов стан, во кој некогаш треба да има и деца.

Deutschland Bevölkerung Generationen Senioren mit Rollator und Kinderwagen
Фотографија: picture-alliance/dpa

Во моментов токму го привршувам докторатот, работам самостојно, работата ми причинува големо задоволство. И, секогаш велам, мое прво дете ќе биде докторската титула, потоа со задоволство уште малку ќе го уживам животот со Штефан, пред да имаме деца.“, вели 31-годишната Алине. 36-годишниот Штефан се надоврзува: „Јас немам некоја цел што би морал да ја постигнам. Многу лична работа е, кога ќе почувствуваме дека е вистинскиот момент за нас. Можеби пред тоа ќе направиме уште и едно патување некаде во светот.“

Многумина Германци мислат како нив. Посебно луѓе со добро образование се’ подоцна се решаваат за деца. Токму во тоа е проблемот, предупредуваат научниците - оти плодноста на жените значително опаѓа по 35-тата година.

40 милијарди евра годишно за детски додаток

Земји со повисок наталитет, како Франција или Шведска, издвојуваат значително повеќе пари за семејната политика во споредба со Германија. Тоа можеа да го почувствуваат и во семејството Бајмеше. Во странство често пати се повисоки и бројката, како и квалитетот на установите за згрижување на деца.

Две третини од подршката за семејствата во Германија се во форма на парични додатоци - само за детски додаток се наменети околу 40 милијарди годишно.

И покрај тоа, германската влада веќе го планира наредниот финансиски додаток - пари за родители кои нема да ги праќаат децата во градинка, туку сами ќе се грижат за нив.

Die "Generation Buggy" ist unterwegs - junge Frauen mit Kinderwagen unterhalten sich in der Nähe des Kollwitzplatzes im Prenzlauer Berg, aufgenommen am 05.09.2007 in Berlin. Foto: Peer Grimm +++(c) dpa - Report+++
Фотографија: picture alliance/dpa

„Нема никаква полза, ако секои три години наново се дефинира политиката. На двојките кои посакуваат да имаат деца им е потребна долгорочна перспектива и сигурност. Тоа многу добро го направија Франција и скандинавските земји.“, вели Гинтер Шток, истражувач на семејната проблематика.

Градинки нема доволно

Штефан Менден и Алине Кремер велат дека за нив детски додаток од 180 евра месечно или можен додаток за домашно згрижување на деца не игра никаква улога при решавањето да добијат дете. Многу поважни се градинките, а нив се уште ги нема доволно.

„Со моето работно време понекогаш се прашувам како би било тоа воопшто можно? Најголем број детски градинки работат само до 17 или 18 часот, па мора релативно рано да се оди. А моите термини, телефонски конференции или што и да било, особено ако се работи со странство, за жал не може така да се договорат, за да би одговарало. Тоа секако е проблем.“, вели Алине.

Јоханес и Вероника Бајмеше велат дека не би успеале да ги згрижат децата без дополнителна помош од своите родители, кои исто така живеат во Берлин. Но, за сево ова тие ни не размислувале многу пред раѓањето на нивните деца.