1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија, Мурси и многу прашања

Керстен Книп/ Александра Трајковска30 јануари 2013

За време на посетата на Германија египетскиот претседател Мохамед Мурси го очекуваат непријатни прашања. Во Берлин пред се’ се наметнува прашањето како претседателот има намера да ги смири разгневените маси во Египет.

https://p.dw.com/p/17TtK
Фотографија: picture alliance / dpa

Од почетокот на египетската револуција минаа веќе две години, но до славење не му е речиси никому. Повторно се собираат демонстранти на плоштадот Тахрир за да протестираат против состојбите во земјата. „Излезете надвор на плоштадите, за да ги довршиме целите на револуцијата“, бара пред неговите приврзаници Мохамед ел Барадеј, поранешниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија и водач на опозициониот сојуз Фронт за национален спас.

Исто така и големите весници оддаваат впечаток дека револуцијата се оддалечила од своите најзначајни намери. „Сонуваме за промени“, пишува весникот „Ал масри ал јаум“. „Но, за жал ништо не се промени, како револуцијата воопшто да не се случи“. Исто така и весникот „Ал шуру“ извлекува отрезнувачки биланс. Пред две години се сонувало за чудо, пишува еден од коментаторите на весникот. Ова чудо сега изгеда вака: „Нашите деца се ставени во цивилни и воени затвори. Сиромашните стануваат посиромашни, додека богатите под друго име и во нови сојузи го умножуваат своето богатство.“

Ägypten Kairo Unruhen
Фотографија: Getty Images

Непријатни прашања

Моментот, кој египетскиот претседател Мохамед Мурси го одбра за посета на повеќе главни градови во Европа нималку не е едноставен. Во Германија политички речиси и да нема да има простор за воздишка. Во Берлин тој ќе мора да одговори на прашањата на неговите домаќини - иако тие имаат разбирање за тешката сосотојба во неговата земја.

По децении диктатура Египќаните бараат нови форми на општествен соживот, појаснува политичарот од ЦДУ Рупрехт Поленц, претседател на Комисијата за надворешни работи на Бундестагот во разговор за ДВ. „Би било претерано да се очекува дека тоа би можело да биде процес кој ќе се одвива целосно праволиниски без против удари“.

Ruprecht Polenz
Рупрехт ПоленцФотографија: picture-alliance/dpa

Умерена исламизација

Каде конечно ќе води овој процес се’ уште е неизвесно, се смета во надворешно политичките кругови во Германија. Политичарот од СПД Клаус Брандер, претседател на Германско-египетската парламентарна група во разговор за ДВ вели оти очекува зголемена исламизација на египетското општество. Тоа меѓутоа не значи дека земајат ќе се движи во правец кон Божја држава, туку повеќе би се одело во правец на турскиот модел, кој предвидува јасна поделба меѓу државата и религијата. Иако во Египет се забележува зголемена религиозна самосвест: „Тоа не значи дека конзервативно-клерикалните сили сами ќе одлучуваат за општествената ориентација на државата“.

Сепак овие сили би можеле да бидат поплурални, појаснува Рупрехрт Поленц. Според него штета е што при постапката за создавање на Уставот не се успеало да се усвои Устав, со кој ќе се согласат сите политички табори.

Затоа појаснува Брандер парламентарните избори кои требаат да се одржат годинава се шанса за земјата. Тие според него нудат шанса за унапредување на процесот на демократизација. Имено силен парламент е предуслов за тоа земјата да не биде само формална туку фактичка демократија. „Станува збор за социјални права, за човекови права и особено за правата на жените. Без ова не е можен успех ниту на стопански план“.

Каква е состојбата со слободите во Египет, според Поленц се покажува и преку тоа каква ќе биде идната ситуација на фондацијата Конрад Аденауер во Египет, која во моментов има потешкотии. „Ние од Мурси би сакале да чуеме како ја проценува работата на изградба на едно цивилно општество во неговата земја, и кога притоа се создаваат структури кои не завршуваат кај Муслиманскoто братство, туку претставуваат во одредена смисла негова конкуренција“. Поленц му придава особено значење на прашањето за иднината на фондацијата: „Тоа ќе покаже, какво сфаќање за плуралност има египетскиот претседател“.

Konrad-Adenauer-Stiftung in Kairo Ägypten
Финдацијата Конрад Аденауер во КаироФотографија: picture-alliance/dpa