1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија на добар пат за излез од кризата

21 април 2010

Според проценките на владата, германската економија е на добар пат да ја надмине кризата. Анализите најавуваат стопански пораст од 1,4 проценти за оваа и 1,6 за наредната година.

https://p.dw.com/p/N22X
Фотографија: AP

„Најголемиот стопански пад забележан по војната е зад нас. Можеме да говориме за јасно опоравување. Двете централни пораки се: Во Германија е забележан повторен стопански пораст и второ, наспроти кризата во сферата на вработувањата се случи мало чудо. Пазарот на трудот остана стабилен. Регистрирани се 3,4 милиони лица кои се невработени и не дојде до хорор сценариото со кое се предвидуваа над пет милиони невработени”.

Wirtschaft Handel Geld Euro
Фотографија: picture-alliance / Helga Lade Fotoagentur GmbH

Вака министерот за економија Рајнер Бридерле ги оквалификува проценките на владата за натамошните движења во економијата. Тие иако бележат благо намалување во првиот квартал, сепак се оптимистички, зашто анализираните индикатори најавуваат позитивни движења. Проценка е дека стопанскиот пораст годинава ќе изнесува 1,4 проценти, а во наредната 2011 година ќе изнесува 1,6 проценти.

И другите ќе профитираат од германскиот извоз

Преземените мерки ќе се ефектуираат во наредните месеци, а позитивниот тренд ќе се почувствува особено во извозот. Министерот Бридерле констатираше дека и другите ќе профитираат од силните страни на Германија, која ја оквалификува како локомотива на целокупното европско опоравување од кризата.

Проекцијата на владата најавува и зголемување на инвестициите, иако во моментов се’ уште финансиската состојба на претпријатијата е затегната. Ова се должи на исто толку затегнатата ситуација на финансиските институции. Но, задача на банките е да се грижат за својата ликвидност и подобрувањето на рамковните услови за кредитирања.

Инаку министерот Бридерле уште еднаш ја потврди зацртаната цел на црно-жолтата коалиција за даночно растоварување на граѓаните. Идејата е годинава да дојде до зголемување на нето-платите за 2,5 проценти, што е повеќе отколку во изминативе девет години. „Значи, релативно добро ја пребродувме кризата. Нареднава 2011 ќе започнеме и со конкретно консолидирање на државниот буџет, зашто раздолжувањето е значаен елемент за излезната стратегија од кризата. Мораме да се вратиме во нормалното социјално пазарно стопанисување,” заклучи министерот за економија Рајнер Бридерле.

Bundesfamilienministerin Ursula von der Leyen besucht Kita
Министерката Урсула фон дер Лајен се залага за „џоб центрите“Фотографија: AP

За опоравувањето на германската економија нема сомневање дека голема улога ќе има отворањето нови работни места кои треба да ги организираат новоформираните „џоб-центри“. Министерката Урсула фон дер Лајен истакна дека овие центри треба да им го отворат патот до работните места на самохраните мајки, постарите од 50 години, кои долго се невработени и на младите.

Автор: Силвера Падори-Кленке

Редактор: Александра Трајковска