1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија против Македонија

ЕМФ/дпа/миа19 јануари 2013

Германската ракометна репрезентација во осминафиналето на Светското првенство во Шпанија, утре (20.01) во Барселона игра против тимот на Македонија.

https://p.dw.com/p/17NN4
Фотографија: picture alliance / dpa

Прво се танцуваше на паркетот, а потоа спортскиот менаџер на Ракометниот сојуз на Германија, Хајнер Брант, ги тапкаше со признание германските играчи - аутсајдерот Германија влезе во осминафиналето на Светското првенство во Шпанија како прва во групата. Во последниот натпревар од групната фаза, вчера во Барселона беше победен фаворитот Франција со 32:30 (фото горе: момент од натпреварот).

„Ова за нас беше уште една победа на турнирот, која е многу убава, зашто воопшто не сметавме со нејзе. Затоа се радуваме многу што го победивме светскиот и олимпискиот првак. Но, тоа беше само една победа и во недела сакаме да победиме и да влеземе во четвртфиналето“, изјави тренерот на германскиот тим.

Handball WM Mazedonien vs Iceland 15.01.2013
Македонските навивачи сега треба да ги бодрат ракометарите во осминафиналетоФотографија: Cristina Quicler/AFP/Getty Images

Во недела (20.01) во Барселона, Германија игра против Македонија, која во групата Б се пласираше на четвртото место. Македонската ракометна репрезентација настапот во групната фаза го заврши со пораз од Данска со резултат 33:30.

На полувремето против актуелниот европски првак Македонија водеше со 15:14, во 40.минута предноста изнесуваше и три голови (21:18), но Данците од тој момент направија серија од 9:1 за целосен резултатски пресврт и недостижна предност за избраниците на Звонко Шундовски. Браќата Кирил и Филип Лазарови со по пет постигнати голови беа најефикасни во македонскиот состав.

На другите два натпревара од последното коло во групата Б постигнати се следните резултати: Русија – Чиле 36:24 и Исланд – Катар 23:19. Конечна табела во Б групата: Данска 10 бодови, Русија 7, Исланд 6, Македонија 5, Катар 2, Чиле 0.