1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија- рај за нови доселеници

Ања Келер/ Симе Недевски1 ноември 2013

Економијата е во добра кондиција, малку невработени, тоа ја прави Германија атрактивна за доселување. Веќе 20 години во земјата не доаѓале толку многу доселеници како во моментов.

https://p.dw.com/p/18gBV
Фотографија: picture-alliance/dpa

Попладневна пауза во една од бројните интернет „стартап“ компании во центарот на Берлин. Овие 7 луѓе работат тимски. Цело време комуницираат на англиски - како на паузите, така и при работата. Тоа им е единствениот заеднички јазик бидејќи доаѓаат од различни делови на светот.

Во Берлин дошле поради различни причини. Во татковината на Мари Гутиерез, Шпанија, изразито е висока невработеноста кај младите луѓе. И покрај тоа, како програмерка имала добри изгледи да најде работа. Сепак, се одлучила за Германија. „Сакавме да искусиме како е да се живее во странство и разгледавме неколку европски метрополи. На крајот се решивме за Берлин. Интернет сцената тука е изразено силна и има многу стартап фирми.“, вели Мари. Во компанијата „Спонзорпеј“ работат околу 140 луѓе од повеќе од 30 земји. Таа има клиенти од целиот свет и потребен и' е меѓународен персонал. Програмерите исто така доаѓаат од сите делови на светот. За Прожол Банерџи од маркетинг служба на „Спонзорпеј“ тоа е сосем нормално. „Нам ни е сеедно од каде доаѓаат нашите вработени. Наша цел е да ги добиеме најдобрите. Звучи банално, но талентирани луѓе има насекаде и ние се обидуваме да ги привлечеме.“

Symbolbild Fachkräftemangel in Deutschland
Фотографија: picture-alliance/dpa

Отвореност кон младите стручњаци

За тие таленти германските фирми конкурират со странски компании. На Германија и во иднина ќе и’ требаат високо образовани доселеници, вели канцеларката Ангела Меркел. Побарувачката на стручна работна сила и натаму е голема бидејќи германското население е се' постаро. „Наша цел мора да биде вистинска отвореност за млади луѓе кои доаѓаат кај нас бидејќи веќе сега знаеме дека во 2025. година Германија ќе има 6 милиони работноспособни помалку.“, порача неодамна Меркел.

Некои во германската влада на ова гледаат поинаку - министерот за внатрешни работи Ханс Петер Фридрих е скептичен: „Илузија е да се верува оти демографските промени можеме да ги решиме само со доселување. Сосем е промашена замислата, нашите луѓе да ги препуштиме на системите за социјална помош и да доведеме некои работници од странство, кои тука ќе работат за малку пари.“
Но во Германија веќе одамна не доаѓаат само луѓе кои извршуваат слабо платени работи, туку и факултетски образовани, кои би можеле да најдат работа и на друго место. „Мораме да престанеме да ги доживуваме доселениците како натрапници. Напротив, нив треба да ги доживуваме како шанса. Второ, мораме да им овозможиме да се чувствуваат како дел од општеството и затоа не би требало секогаш да зборуваме за ’нас‘ и за ’оние другите‘“, вели Мемет Килич од партијата на Зелените.

Добри искуства

Почетокот на животот во Германија за Мари бил лесен. Работа нашла преку пријатели и се' поминало како подмачкано. За поголем дел од работите се погрижила сама: курсови за јазик, стан и целата бирократија.

Deutschland Arbeit Laboratorium
Фотографија: Fotolia/Alexander Raths

„Не најдов некои службени информации за доселување во Германија. Не ми ни требаа, бидејќи сум од ЕУ и беше многу едноставно да се преселам тука.“, вели Мари.

За вработените од другите делови од светот се грижи фирмата. Индиецот Прожол Банерџи за работна дозвола морал да чека 3 месеци.

„Има многу процедури кои е речиси невозможно да се завршат ако немате помош од некој Германец. Ние имаме прекрасна кадровска служба која ни помага во извршување на сите тие работи.“

Мари досега имала добри искуства. Сепак, за неа и за нејзините колеги има една пречка: во германските државни служби се зборува исклучиво германски. Кога понудите би биле и на англиски, се' би било поедноставно.