1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија сака да биде домаќин на фудбалското ЕП 2024

ЕМФ/дв25 октомври 2013

Уште пред воопшто да биде распишан конкурс за кандидати за Европското фудбалско првенство во 2024 година, шефот на Германскиот фудбалски сојуз Волфганг Нирсбах ја објави намерата на Германија да биде домаќин.

https://p.dw.com/p/1A5ws
Фотографија: picture-alliance/dpa

Претседателот на Германскиот фудбалски сојуз (ДФБ) Волфганг Нирсбах (на фотографијата), во својот говор на Денот на ДФБ во Нирнберг, најави: „Осумнаесет години по исклучителното Светско првенство 2006-та, време е за нова летна бајка во Германија.“ Обраќајќи му се на претседателот на УЕФА, Мишел Платини, кој беше присутен во Нирнберг, Нирсбах додаде: „Конкурсот за кандидати за домаќини на турнирот сѐ уште не е официјално распишан, но УЕФА треба да знае навреме дека треба да смета со нас.“

Во Германија досега е одржано само едно Европско првенство, во 1988 година. Тогаш репрезентацијата на Холандија, со своите ѕвезди Марко ван Бастен и Руд Гулит, ја освои својата досега единствена меѓународна титула. Што се однесува до првенството кое ќе се одржи во 2020 година во 13 европски земји, ДФБ го пријави Минхен како можен град домаќин. УЕФА одлуката за тоа ќе ја донесе во септември 2014 година.