1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија се уништува со штедење

Ролф Венкел15 ноември 2013

ММФ, САД, а сега и Европската комисија: сите се незадоволни од растечкиот германски извоз. Критиката е можеби претерана, но во Берлин сепак треба да се подзамислат, смета Ролф Венкел

https://p.dw.com/p/1AIC6
Фотографија: picture-alliance/dpa

Критиката на германската извозна моќ не е нова. Неодамна американското министерство за финансии утврди дека германската зависност од извоз и слабата домашна потрошувачка, всушност ја кочат европската економија. Многу еднострано гледиште. И другите членки на ЕУ заработуваат од германскиот извоз, бидејќи во него учествуваат со услуги и изработка на полупроизводи или делови, а профитираат и од директните инвестиции од Германија. Нештата можат да се постават и обратно- без Германија, поранешниот „европски болен“, рецесијата во Европа веројатно би била и подлабока.

Затоа најавата на Европската комисија дека подлабоко ќе го анализира надворешно-трговскиот суфицит на Германија, во земјата наиде на неразбирање, па и огорченост. Треба ли Германија сега вештачки да ја успорува својата конкурентност, на пример со зголемување на платите, само за Јужна Европа да може да држи чекор? Дали оваа конкурентност, која Германија ја достигнуваше со мачни реформи и штедење, сега треба да биде казнета?

Возбуденоста на Европската комисија во голема мерка е вештачка. Бидејќи пред две години европските министри за финансии како една од поуките од кризата договорија да ги следат показателите кои благовремено можат да укажат на грешки во економскиот код на Европа. Еден од тие показатели е и трговскиот биланс. И германскиот министер тогаш ја подигна раката за овој заклучок. Зошто сега Берлин се жали?

Бескрвна потрошувачка

Комесарот за финансии Оли Рен се обидува да одржи баланс. Никој не планира да ги критикува германските претпријатија затоа што имаат успех на пазарот, вели Рен. Подлабоката анализа на можниот развој не може да и наштети на Германија. Напротив, лоша услуга за Европа, па и за Германија, е доколку оваа тема остане табу.

Всушност, медалот на германскиот успех има и друга страна. Одличниот извоз не се рефлектира во домашната потрошувачка, со која би можел да се намали големиот суфицит. Американското министерство со право ја нарекува германската потрошувачка „бескрвна“. Со години синдикатите во земјата водат борба единствено за зачувување на работните места, додека во битки за зголемување на платите ретко се впуштаат. Високите даноци и давачки исто така не придонесуваат за зајакнување на потрошувачкото расположение на граѓаните.

DW 60 Jahre Rolf Wenkel
Ролф ВенкелФотографија: DW/D. Kaufmann

Притоа треба да се знае дека во домашната потрошувачка не спаѓаат само приватни лица, туку и државни и приватни инвестиции. Во тој поглед експертите се согласни: Германија со години страда од масовен пад на инвестициите. Од 2005. инвестициите се зголемуваат многу побавно од профитите. Од таа година, инвеститорите сместија 460 милијарди евра „под перница“- никој не може да ги натера да инвестираат, иако каматите се многу поволни.

Лоша е состојбата и со јавните инвестиции. Институтите проценуваат дека само за инфраструктурата и образованието треба да се потрошат 300 милијарди евра. Веќе десет години, проценува Организацијата за економска соработка и развој, буџетските инвестиции во Германија не ги покриваат реалните потреби на училиштата и на патната инфраструктура. Со други зборови, Германија полека се троши и се отепува со штедење.

Ова сознание и натаму се прикрива со блескавиот извоз, стапката на раст и рекордната вработеност. Штета! Затоа што, можеби најавената анализа во Брисел, ќе ни помогне да ги отвориме очите, понекогаш да ги послушаме другите и во критиките да тргнеме од себе.