1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија со пораз влегува во финалиниот дел на ЕП во ракомет

21 јануари 2008

Одлични резултати на Германците во зимските спортови. На тенискиот грен-слем турнир во Мелбурн елиминирани и последните германски претставници. Милионски награди и во коњичкиот спорт, во кој доминираат Германците.

https://p.dw.com/p/CvOO
Шпанија, по традиција, и овој пат беше незгоден противник за германските ракометариФотографија: AP

Светскиот првак во ракомет Германија го доживеа првиот пораз на Европското првенство. Во последниот натпревар од групата во норвешкиот град Берген Германија загуби од Шпанија со 30 спрема 22, откако на полувремето беше нерешено 12 спрема 12. „Знаеме дека во вториот дел игравме катастрофално. Сега мораме да покажеме дека сме тим. Повторно ќе се исправиме и во главната рунда имаме можност да стигнеме до полуфиналето“ – рече по средбата играчот Холгер Гландорф.

Ни тренерот Хајнер Бранд не гледа крај на светот во поразот од традиционално незгодниот противник Шпанија: „Ваков натпревар се случува на секој турнир – можеби не со толкава разлика. Но, мора да се каже дека погледнато во целост ние бевме послабиот тим, иако на полувремето беше нерешено“. Германија се пласира за финалниот дел, што ќе се игра во Трондхајм, но влегува со два негативни поена. Пласман во финалниот дел обезбедија и сите други пред првенството фаворизирани екипи.

Подвиг на Џени Волф во брзо лизгање

Џени Волф во холандскиот град Херенвен за прв пат во кариерата стана светска првенка во спринтерскиот повеќебој во брзо лизгање. Таа беше извонредна, посебно на патеката од 500 метри. „Супер постигнување е што победив во повеќебојот и всушност се’ уште не можам да верувам. Пред 10 години никој никогаш не би помислил дека воопшто ќе се најдам меѓу 10-те најдобри во оваа дисциплина, а сега сум светска првенка“ – зборуваше 28-годишната Џени Волф по триумфот.

Таа ја остави зад себе далеку пореномираната сонародничка Ани Фризингер. Ова е прва двојна германска победа за последните 20 години. Третопласирана е Холанѓанката Анете Геритсен.

Биатлонот - силна страна на Германците во нордиските скијачки дисциплини

Германците се во најтесниот круг на фаворити за претстојното светско првенство во биатлон - и натпреварите од изминатиот викенд ја потврдија ваквата констатација. Овој пат во средиштето на вниманието беше Андреа Хенкел. Во трката на 10 километри во Антхолц таа ја забележа својата прва победа во сезоната, а во саботата беше втора во биатлонскиот спринт. „Радоста е огромна, денес не сметав на победа, оти во трчањето воопшто не ми одеше добро“ – рече Хенкел, која при стрелањето беше подобра од Русинката Светлана Слепцова. Таа мораше да трча два дополнителни круга и се задоволи само со второто место. Трета беше Норвежанката Тора Бергер.

Михаел Грајс во Антхолц славеше победа во биатлонскиот спринт. „Повторно истрчав трка од сништата. Во детали имав потешкотии, но неверојатно се борев и неизмерно сум среќен што можам да славам трета последовна победа“, рече Грајс. Вчера, во трката на 15 километри, си ги сменија позициите со Норвежанецот Оле Ајнар Бјорндален – тој ја забележа 80-тата победа во натпревари од светскиот куп, а Грајс беше третопласиран. Претходно Грајс го освои третото место и на 12 ипол километри, каде прва победа во светскиот куп постигна Швеѓанецот Бјорн Фери.

Трикратниот олимписки шампион Михаел Грајс и трикратната светска првенка Магдалена Нојнер ќе ја предводат германската селекција на светското првенство во биатлон, што започнува на 9-ти февруари во шведскиот зимски центарт Остерсунд. Германија ќе биде застапена со рекордни 14 учесници.

Френцел - нова ѕвезда во нордиска комбинација?

Светскиот јуниорски првак Ерик Френцел победи во натпреварот во нордиска комбинација во Клингентал, пред водечкиот во светскиот куп во таа дисциплина, германскиот сонародник Рони Акерман и Финецот Анси Коивуранта. Заостанувањето од трката на 10 километри младиот Френцел го надоместо со извонреден скок од 137 метри.

Скокачите, пак, се натпреваруваа на големата скокалница во Харахов, но временските околности не дозволија да биде изведена и втората серија. Најдобар во првата серија скокови беше Јане Ахонен од Финска со лет од 199 метри, пред Норвежаните Хилде и Јакобсен. Најдобар од Германците беше Михаел Нојмаер на осмото место.

ЕП во санкање и боб: Киријазис ја одбрани титулата, Ланге не успеа

Олимписката победничка и светска првенака во боб-двосед Сандра Киријазис во тандем со Берит Виакер го освои третиот последовен златен медал на европското првенство што се одржува во Чезана, Италија. И среброто им припадна на Германките - го освоија Кетлин Мартини и Жанин Тишер, инаку светски вицешампионки во оваа дисциплина.

Двојниот олимписки победник Андре Ланге не успеа да ја одбрани титулата на европски првак, Италија, но го освои бронзениот медал. Бобот четирисед управуван од Ланге, заостана зад изненадувачкиот победник Јанис Минис од Летонија и зад швајцарскиот екипаж предводен од Маретин Галикер. Во боб-двосед Ланге и Кевин Куске го освоија сребрениот медал – подобар од нив беше рускиот тандем Зубков – Војевода.

Алпско скијање: Нојројтер шести во слалом

Феликс Нојројтер покажа дека се стабилизира во светскиот врв - во слаломот во Венген гоосвои шестото место. Тој пропушти уште подобар пласман по една грешка во второто возење. Победи Французинот Жан-Баптист Гранж.

Американецот Скот Меккартни, кој во саботниот спуст во Кицбил доживеа тежок пад непосредно пред целта и беше 30-ина минути без свест, според медицинските испитувања во тамошната болница и подоцна на универзитетската клиника во Инсбрук помина само со тежок потрес на мозокот. Победник на спустот, инаку, беше Швајцарецот Дидие Киш.

Кај жените во спустот возен во италијанскиот центар Кортина д’Ампецо победи Американката Линдзи Вон. Германката Марија Риш беше десетта.

Аустралиен опен: без Германци меѓу осумте најдобри

На првиот грен-слем тениски турнир во годината, Отвореното првенство на Австралија во Мелбурн, во четвртфиналето ќе нема Германци. 24-годишниот Филип Колшрајбер по голема борба е елиминиран од Финецот Јарко Ниеминен со 3 спрема 1 во сетови. „Брзо ќе се исклуичам од збиднувањата. Се обидувам да си одам колку што е можно побргу дома. Ќе одам некаде, каде никој нема да ме најде“ – зборуваше по мечот очигледно разочараниот Колшрајбер.

18-годишната Сабине Лизики од Берлин во третото коло загуби од Каролине Возњацки од Данска со 2 спрема 1 во сетови, но воопшто не беше потиштена: „Ова не е крај на светот за мене. Горда сум со ова што го постигнав на мојот прв воопшто грен-слем турнир. Сега толку ќе напредувам на светската ранг-листа, што ќе можам да учествувам на големите турнири“ – рече Лизики.

На турнирот во Мелбурн е забележан и еден рекорд: средбата меѓу Лејтон Хјуит и Маркос Багдатис, играна во пет сетови, која му донесе победа на Хјуит, заврши во утринските часови – во 4 часот и 33 минути по локално време. Толку доцна досега не е игран меч во Мелбурн

Сао Паоло нуди милионски награден фонд за коњички скокови!

Од коњичкиот спорт: во натпреварите од светскиот куп во Лајпциг победа на германските претставници: Изабел Верт во дресурно јавање, а Кристијан Алман и Џесика Киртен во скокови.

Од коњичкиот спорт и занимливата информација дека годинава во скокови за прв пат ќе биде пробиена границата од еден милион евра како награда за победа на едно натпреварување – таков фонд има натпреварувањето во октомври во бразилскиот град Сао Паоло.

Зоран Јордановски