1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија спроведува контроверзни прегледи на деца-бегалци

Филип Једике / Александар Методијев14 септември 2013

Поради војна, опасности и глад многу деца се присилени да заминат кон Европа и тоа без придружба на возрасни. Во моментов во Германија живеат неколку илјади малолетни бегалци. Но, ним и тука не им е лесно.

https://p.dw.com/p/18ogo
Фотографија: Arjang Omrani

На почетокот на документарниот филм „Во бегство“ (On the run) филмското платно е празно. Се слушаат само гласови на адвокатот, на експертот за бегалци, на вработен во Службата за млади... Тие без емоции ги прераскажуваат приказните низ кои минуваат малолетните бегалци без придружба. Потоа на платното се појавуваат сцени снимени на пешачка патека во Келн. Покрај патеката, во реката, во гумен чамец седат деца и веслаат без никој од минувачите да им обрне внимание. Целта е на гледачите да им се покаже што секојдневно се случува на улиците, пред носот на Европејците.

Мердад Рази и Арјанг Омрани се режисерите на необичниот документарен филм „Во бегство“. Во него свои приказни раскажуваат и децата-бегалци. Режисерите се по потекло од Иран, а живеат во Келн.

„Сметавме дека е подобро само да разговараме, односно да ги пуштиме децата самите да зборуваат, а не ние да раскажуваме за нив“, вели Рази, кој е и музичар и педагог. Неговиот колега Омрани додава дека децата сами одлучиле што и колку ќе зборуваат.

Bilder zum Film On The Run von Arjang Omrani
Мердад РазиФотографија: Privat

Според проценките на Сојузното здружение за малолетни бегалци, во Германија живеат околу 8.000 малолетници кои се сами, без придружба на возрасни, кои побегнале од татковината и стигнале во Германија. Некои ги загубиле родителите, за други семејството или роднините повеќе не можеле да се грижат, па биле принудени да ги испратат преку граница. Најголем дел од тие деца доаѓаат од Авганистан и Иран. Во моментот кога пристигнале во Германија тие веќе имале зад себе одисеја полна напори и опасности, ситуации во кои морале да се кријат, често ризикувајќи го својот живот.

Процеси кои се штетни за здравите деца

Сепак, во центарот на вниманието на филмот е нешто друго – доживувањата на децата во Германија, посебно испитувањето на властите на нивната возраст. Имено, според Конвенцијата за заштита на децата на ОН, лицата помлади од 18 години уживаат посебна заштита и права. Во Германија тоа значи, на пример, дека тие мораат да посетуваат училиште и да се сместени во домови за деца и млади, а не во сместувалишта за баратели на азил, во кои, како што вели еден во филмот, „никој не сака да живее“. Освен тоа, кога ќе станат полнолетни, според германскиот закон можат да бидат протерани од земјата. Затоа, некои кои сега навистина имаат 18 години, поради страв од прогонување, тврдат дека се помлади.

Но, тоа не е се’. Доколку постои сомневање за нивната старост, тие се ставаат на посебен тест. Станува збор за рендгенско снимање на коската на дланката – тест кој е контроверзен и кој, според мислењето на експертите, се коси со лекарската етика.

Bilder zum Film On The Run von Arjang Omrani
Арјанг ОмраниФотографија: Privat

Друг преглед на кој децата мораат да минат е прегледот на половите органи. Иако и резултатите на тој тест не докажуваат речиси ништо, тој преглед и натаму се спроведува. Освен тоа, германските власти притоа не водат сметка муслиманските деца да ги прегледуваат лекари од истиот пол. Во филмот се гледа дека срамот кај децата така само се зголемува, а прегледот им нанесува дополнителни последици по нивното психичко здравје.

Критика од хуманитарните работници

Клаус-Улрих Прелс, еден од раководителите на здружението Келнски совет на бегалци, оценува дека таквите медицински прегледи се нечовечки и скандалозни. Тој тврди дека децата „никогаш нема да можат да ги заборават“ таквите прегледи. Тој одамна бара укинување на тие прегледи, но неговите укажувања до сега беа залудни. Во однос на сместувањето, државата многу ја чини сместувањето на малолетните бегалци во германските домови за деца, па затоа властите се обидуваат да ги намалат трошоците.

Клаус–Петер Флемке, заменик-шеф на Службата за млади во Келн, тврди дека утврдувањето на староста е нужно и незаобиколно.

„Во случаите кога се сомневаме во наводите, мораме да го побараме тоа испитување. Имено, некои веќе имаат 26 години, а тврдат дека се малолетни“, вели Флемке. Тој вели дека во меѓувреме се преговара со различни клиники и болници за во иднина возраста да може да се утврди со некои алтернативни методи „без снимање со рендген“

Освен тоа, малолетните бегалци во Германија постојано се соочуваат со чувството дека се непожелни и страдаат од чувство на вина зошто воопшто тука се наоѓаат.